Şenhan Bolelli
26 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
МАДРИД (АА) - На колумбиската пејачка Шакира ќе ѝ се суди во Шпанија под обвинение за затајување данок во вредност од 14,5 милиони евра, јавува Агенција Анадолија (АА).
Судот во Барселона ја отфрли жалбата и го потврди обвинението против Шакира, која се товари за затајување данок од 14,5 милиони евра со сокривање на приходите кои ги остварила во текот на престојот во Шпанија.
Судот заклучи дека постојат доволно докази за кривично гонење на поп-ѕвездата.
Обвинителството бара парична и затворска казна по шест различни обвиненија против Шакира поради наводи за затајување на данок од 2012 до 2014 година.
Од друга страна, од адвокатската фирма која ја води одбраната на Шакира соопштија дека обвинетата ќе ја брани својата невиност. Адвокатската канцеларија тврди дека судот не ги отфрлил наводите на одбраната во жалбена постапка и дека редовниот судски процес продолжува.