Ömer Erdem
27 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
КАРТУМ (АА) - Суданската цивилна авијација ги суспендира сите летови од и кон Меѓународниот аеродром „Картум“ до 30 октомври, поради демонстрациите по преземањето на власта во земјата од страна на војската, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претходно, турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ги прекина летовите меѓу Турција и Судан откако суданката војска ја распушти Владата и воведе вонредна состојба.
Според прес-службата на авиокомпанијата, повратните патувања од Истанбул до Картум во понеделникот и вторникот биле откажани.
„Туркиш ерлајнс“ подоцна соопшти дека повратните патувања за денес и утре се, исто така, суспендирани.
Шефот на владејачкиот Воен совет на Судан, генерал Абдел-Фатах ал Бурхан, прогласи вонредна состојба и го распушти преодниот Суверен совет и Владата.
Овој потег следуваше неколку часа откако Армијата ги уапси премиерот Абдула Хамдок и министрите во цивилната Влада.
Ал Бурхан, исто така, најави суспензија на некои одредби од уставниот документ за политичката транзиција во Судан.
Според суданското Министерство за информации, Војската го уапсила Хамдок во утринските часови, откако тој одбил да го поддржи она што беше опишано како „државен удар“.
По неуспешниот воен удар минатиот месец, во Судан избувнаа големи тензии меѓу Војската и цивилната администрација.
Пред распуштањето, Судан беше управуван од Суверен совет составен од воени и цивилни власти, што го надгледува периодот на транзиција до изборите закажани за 2023 година, како дел од пактот за поделба на власта меѓу Војската и коалицијата на Силите за слобода и промени.