Gökhan Kurtaran
27 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
ЛОНДОН (АА) - Со цел да се укаже на растечкиот проблем на исламофобијата и ксенофобијата, во Лондон се одржа манифестација со сатирична содржина, на којашто беа доделени награди за водечките протагонисти на исламофобијата во Велика Британија и во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за манифестација што веќе неколку години ја организира невладината организација на Комисијата за исламски човекови права, која се бори против антиисламската реторика и исламофобијата.
Во категоријата за најдобар протагонист на исламофобијата на меѓународен план непопуларната награда ја доби шефицата на дипломатијата и де факто челничка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи. Повод за нејзиниот избор е нејзиниот пасивен однос кон насилството врз муслиманското малцинство во Аракан.
Чи победи во конкуреција во која беа номинирани и американскиот претседател Доналд Трамп, претседателката на францускиот радикален Национален фронт, Марин Ле Пен, и челникот на холандските радикали на Слободарската партија Герт Вилдерс.
За најдобар исламофоб на политичката сцена во Велика Британија беше избран радикалот и активист Томи Робинсон, а номинирани беа уште и колумнистката Кејти Хопкинс, поранешниот лидер на радикалниот УКИП (UKIP) Најџел Фараж, Ен Мери Итерс и шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон.
Во категоријата најголеми протагонисти на исламофобијата меѓу медиумите, првото место ѝ припадна на телевизијата „Fox News“ (Фокс њуз), а номинирани беа и весниците „The Daily Mail“ (Дејли мејл) и „The Sun“ (Сан).
Официјалните статистички податоци на британските институции укажуваат на зголемувањето на стапката на кривични дела сторени поради омраза кон исламот, а особено тој проблем е интензивиран по терористичките напади во Лондон и во Манчестер.
Во Велика Британија живеат околу три милиони муслимани, што е околу пет отсто од вкупната британска популација.