Servet Günerigök
18 Октомври 2023•Ажурирај: 18 Октомври 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Стотици луѓе се собраа доцна синоќа пред Белата куќа во Вашингтон, во знак на протест против израелските напади на Газа, пренесува Анадолу.
Протестот, организиран од страна на Палестинското младинско движење, се одржа во паркот Лафајет. Организаторите соопштија дека собирот е одржан во знак на „протест против масакрот во Газа“.

На собирот беа истакнати транспаренти на кои пишуваше „Крај на палестинскиот холокауст“, „Стоп за финансирање на етничкото чистење“, „Нетанјаху е воен злосторник“. Исто така, насобраните скандираа „Слободна, слободна Палестина“ и „Да живее Газа“.
Демонстрантите, носејќи палестински знамиња, бараа прекин на израелската окупација на палестинските територии.

Протести се одржани и во други градови низ САД, по синоќешниот ракетен напад на болницата „Ал-Ахли“ во Газа, во кој животот го загубија повеќе од 500 лица, а голем број лица сѐ уште се под урнатините.
До денес во судирот меѓу израелските сили и палестинската група Хамас, што започна на 7 октомври, убиени се повеќе од 4.400 луѓе, од кои 3.061 Палестинец и над 1.400 Израелци.