Ata Ufuk Şeker
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека ќе бидат преземени потребните чекори за Сојузот да биде силен пред тешкотиите со кои се соочува, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова е критичен период за трансатлантската безбедност. Ќе донесеме одлуки што ќе овозможат НАТО да остане силен и флексибилен пред променливите предизвици“, нагласи Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Тој додаде дека силниот НАТО сојуз е добар и за Европа и за Северна Америка и дека Сојузот има блиска соработка со партнерите на Блискиот Исток, но и со другите подрачја.
Генералниот секретар изјави дека на состанокот на министрите, кој се одржува денес, ќе разговараат за напредокот во источниот дел на Сојузот.
„Распоредуваме четири мултинационални единици во Естонија, Латвија, Литванија и во Полска, за да пратиме јасен сигнал за одлучноста и подготвеноста на НАТО да го одбрани секој сојузник“, истакна Столтенберг.
Тој изјави дека ќе разговараат и за тоа што може НАТО дополнително да стори во борбата против тероризмот.
Исто така, Столтенберг најави дека ќе се донесе одлука за воспоставување центар за размена на податоци во Неапол, што ќе придонесе во борбата против тероризмот.
Тој укажа и на важноста на кибер-безбедноста и додаде дека во 2016 година, НАТО месечно ќе биде и до 500 пати цел на кибер нападите.
Столтенберг беше запрашан да ги прокоментира резултатите од анкетите, кои покажуваат дека народот на Украина ја губи довербата во НАТО.
„НАТО со Украина разви силно партнерство. НАТО на Украина ѝ дава политичка, но и конкретна поддршка. Сојузот го поддржува територијалниот интегритет на Украина и полната имплементација на Договорот од Минск“, изјави Столтенберг.
Тој потсети дека Украина е демократско општество и во него постојат различни погледи, идеи и отворени политички дискусии.