Ekipa
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
АЛ БАБ (АА) - Со поддршка на турските сили во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, силите на Слободната војска на Сирија спроведуваат операција за ослободување на градот Ал Баб од терористите на ДЕАШ, а еден од командантите на операцијата, Адеј Абу Aли изјави дека Слободната сириска војска напредува и оти моментално се водат борби токму во центарот на тој сириски град, јавува Anadolu Agency (AA).
„Моментално против терористите на ДЕАШ во центарот на Ал Баб водиме улични борби“, изјави во разговор за АА командантот Абу Али и додаде дека Слободната сириска војска веќе контролира голем број стратешки локации, вклучувајќи го и ридот Шеик Акил.
Истакнувајќи ја добрата соработка со турските сили во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, Абу Али вели дека припадниците на Слободната војска на Сирија на турските сили им даваат координати за позициите на терористите, а турските сили потоа ги гаѓаат.
Репортерот на АА разговараше со уште еден командант на Слободната војска на Сирија во Ал Баб, Марван aл-Хадиј, кој изјави дека се надева оти операцијата за ослободување на тој град ќе биде брзо и успешно завршена.
„Се соочуваме со тешкотии во споредните градски квартови бидејќи терористите извршуваат бомбашки напади на нашите позиции. Автомобилите-бомби на далечинско активирање и минските полиња што терористите ги поставија во градот ни се најголеми препреки. Тоа нѐ успорува, но сигурно одиме напред“, изјави Ал-Хадиј.
Слободната сириска војска ги опколи терористите на ДЕАШ во Ал Баб од север, исток и од запад, и веќе ослободи 40 отсто од територијата.
Операцијата за ослободување на Ал Баб се води со стратегија на кршење на терористичкиот отпор со опсада, а целта на таквата тактика е заштита на цивилите кои останале во градот.
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ започна на 24 август 2016 година, во северниот дел на Сирија, со цел да се неутрализира терористичката закана, особено ДЕАШ, како и за да се зајакне безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваат сириските опозициски сили, а во согласнот на меѓународното право на самоодбрана ја поддржуваат и турските сили.
Досега од терористичките елементи е расчистен појас широк 35,1 километар од турската граница кон внатрешноста на Сирија.