Ata Ufuk Şeker
13 Јуни 2016•Ажурирај: 14 Јуни 2016
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека НАТО донесе одлука во балтичките земји и Полска да се распоредат четири силни, мултинационални одреди, и додаде дека тоа е јасна порака дека овој Сојуз е спремен да ги брани своите членки, јавува Anadolu Agency (AA).
Утре во седиштето на НАТО во Брисел ќе биде одржан состанок на министрите за одбрана на членките, а челникот на Сојузот, Столтенберг, денес изјави дека министрите во текот на наредните два дена ќе подготват бројни одлуки кои ќе бидат донесени на Самитот на лидери на НАТО, кој на 8-ми и 9-ти јули ќе се одржи во Варшава.
„Самитот ќе биде пресвртна точка за нашата безбедност. НАТО прави големи чекори во насока на заштитата на земјите членки и зачувување на стабилноста во регионот. Меѓутоа, и понатаму се соочуваме со бројни предизвици и потешкотии”, изјави Столтенберг.
Потсетувајќи дека во февруари НАТО донесе одлука за интензивирање на присуството во источниот дел на Сојузот, Столтенберг изјави дека сега се води дискусија за начините и обемот на тоа интензивирање.
„НАТО ги утростручи воените капацитети за интервенции и моментално изнесуваат 40.000 војници”, изјави Столтенберг и додаде дека во тек се и напорите за овозможување полесно и побрзо делување на Сојузот во Европа.
Истакнувајќи дека 20-те членки на НАТО оваа година планираат да ги зголемат издвојувањата за одбрана, Столтенберг рече дека Сојузот по долги години тргна во вистински правец, но дека треба уште многу да се направи кога станува збор за финансирање на тој сектор.
Најавувајќи дека во среда ќе претседава и НАТО Комисијата за Украина, Столтенберг изрази загриженост поради продолжување со кршењето на договореното примирје на истокот на таа земја.