Kemal Karadağ
22 Ноември 2017•Ажурирај: 22 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Заменик-премиерот на Република Турција, Хакан Чавушоглу изјави дека неодамнешниот скандал со искажување непријателство кон актуелниот турски претседател Ердоган и кон Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција на воената вежба на НАТО во Норвешка, Турција го гледа како тактика на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на уредничкиот колегиум на АА, вицепремиерот Чавушоглу денес го коментираше неодамнешниот скандал на воената вежба на НАТО и изјави дека тоа е показател дека на меѓународната сцена во последно време постои нов план на манипулација со светот.
Чавушоглу истакна дека тој план не е заснован на реални факти, туку е дело на некои кругови, посочувајќи дека етикетирањето на Ердоган и Ататурк како непријатели во НАТО може да се гледа од тој аспект.
„Денешна Турција не е онаа некогашна Турција. Тоа не е земјата што постоеше пред 16 години. Таа на меѓународната сцена и во НАТО има прецизни приоритети и ставови“, порача Чавушоглу.
Тој изјави дека денешна Турција има цврст став и стоички (ладнокрвност и непоколебливост) им се спротивставува на сите обиди за дискредитација и непријателство, а особено укажа на таквиот стоички став на турскиот претседател Ердоган.
Потсетувајќи дека Турција по срамниот инцидент ги повлече своите војници од вежбата во Норвешка, Чавушоглу изјави дека потоа следувале извинувања, првенствено од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„На крајот, сите мораат да бидат свесни за одлучниот став на Турција како важна сила во регионот, како економски така и во секоја друга смисла“, порача Чавушолглу.
Укажувајќи на важната геополитичка положба на Турција и на фактот што таа земја претставува втора најголема војска во составот на НАТО, Чавушоглу изјави дека е јасно оти постојат кругови што не можат да се помират со фактот на стоичкиот став на Турција против плановите на новиот светски поредок на база на манипулација и сплетки.
„Таквите кругови постојат и во сојузот на НАТО. Постојат кругови што денес шуруваат со терористите на ПКК, ПЈД и ФЕТО. Терористите на ФЕТО за време на претходните служби во НАТО воспоставија соработка со некои кругови кои се и понатаму активни во сојузот“, изјави Чавушоглу.
Турција води одлучна борба против сите терористички организации, вклучувајќи ги ПКК, ФЕТО, ПЈД и ДЕАШ, а Чавушоглу изјави дека ниту една земја во светот не води борба против тероризмот во обемот во кој Турција го прави тоа.
„Турција има јасни приоритети и ставови и во согласност со нив, секогаш ќе реагираме на сите обиди за дискредитација и непријателство“, заклучи Чавушоглу.