Şerife Çetin
07 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека по барање на Ирак, во оваа земја ќе започне мисијата за обука и дека НАТО ќе продолжи да биде присутен во оваа земја сè додека ирачката Влада го посакува тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг, во изјава за медиумите, пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, ги објасни главните точки на дневниот ред на состанокот, и нагласи дека овој состанок претставува подготовка за Самитот на НАТО, кој наредниот месец ќе се одржи во Брисел.
Тој информираше дека министрите за одбрана ќе разговараат на повеќе различни теми, меѓу кои зајакнување на одбранбените капацитети, воената мобилност, сајбер-одбраната, борбата против тероризмот, како и за соработката меѓу Европската Унија (ЕУ) и НАТО.
Столтенберг истакна дека по Самитот во Брисел официјално ќе ја започнат мисијата за обука во Ирак, и дека основната цел е обезбедување на стабилноста во земјата и задржување на реализираните активности против терористичката организација ДЕАШ.
Како што рече тој, по барањето на ирачката Влада, НАТО ја прими должноста на мисијата за обука. „НАТО ќе продолжи да биде присутен во оваа земја сè додека ирачката Влада го посакува тоа“, додаде Столтенберг.
Откако беше потсетен дека Катар посакува да биде полноправна членка на НАТО, Столтенберг рече дека Катар е важен сојузник на НАТО.
„Според член 10 на Вашингтонскиот договор, само земјите од Европа и Северна Америка можат да бидат членки на НАТО“, додаде генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.