АНКАРА (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во врска со земјотресите со епицентар во турската област Кахраманмараш истакна дека ова е најсмртоносната и најстрашна катастрофа забележана на територијата на Алијансата по формирањето на НАТО, јавува Анадолу.
Столтенберг ова го истакна на заедничка прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, со кого се состана во рамки на неговата посета на Туркије.
Тој рече дека во Анкара се наоѓа за да испрати порака за солидарност за Туркије и Сирија по катастрофалните земјотреси.
„Ова, всушност, е најсмртоносната и најстрашна катастрофа забележана на територијата на нашата Алијанса по формирањето на НАТО“, рече тој.
Столтенберг во име на НАТО упати сочувство до турскиот народ, до семејствата кои загубиле свои најблиски во катастрофата.
Тој ја поздрави храброста на луѓето кои ги спроведоа првите итни активности во Туркије.
„НАТО е тука за да истакне дека е во солидарност со Туркије. Во моментот кога имате потреба, НАТО е покрај Туркије“, нагласи тој.
Столтенберг потсети дека еден ден по земјторесот, Центарот за координација на итни состојби на НАТО до сите сојузници на НАТО ги испратил барањата на Туркије во оваа насока.
Генералниот секретар на НАТО рече дека по овој процес, бројни земји во Туркије испратиле илјадници спасувачки екипи.
Тој нагласи дека меѓу спасувачките тимови се наоѓаат пожарникари и медицински работници.
Столтенберг рече дека сојузниците на НАТО продолжуваат да даваат поддршка.
„Воените авиони обезбедени од страна на Холандија, Норвешка, Обединето Кралство и САД постојано работат со цел меѓународната помош да ја достават во овие зони“, рече Столтенберг.
„Исто така, Албанија, Канада, Германија продолжуваат да даваат поддршка искористувајќи бројни различни финансиски методи и различни методи за помош. Сигурно дека нашите граѓани во сите земји членки на НАТО организираат кампањи со цел до Туркије да префрлат милиони евра. Тие се симбол на нашата солидарност“, додаде генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.