Şerife Çetin
23 Ноември 2017•Ажурирај: 23 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека е загрижувачки тоа што не е најдено решение околу проблемот со Нагорно-Карабах, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во изјава за медиумите, по неговата средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, упати благодарност до Аџербејџан за дадениот придонес во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, и ја поздрави одлуката на Азербејџан за зголемување на бројот на војниците.
Столтенберг потсети дека постои долгогодишна соработка меѓу Азербејџан и НАТО врз основа на демократските вредности, и додаде дека двете страни соработуваат во повеќе различни области, како развојот на капацитетите и енергетската безбедност.
- „Загрижувачко е нерешавањето на проблемот со Нагорно-Карабах“ -
Генералниот секретар на НАТО пренесе дека на средбата бил направен осврт и на безбедносната состојба во Јужен Кавказ. „Загрижувачко е нерешавањето на проблемот со Нагорно-Карабах“, рече тој.
Столтенберг истакна дека НАТО не игра директна улога во ова прашање, и оти е јасно дека за него нема воено решение, додавајќи дека ја поддржуваат работата на групата Минск.
Столтенберг вели дека е важно да се дојде до решение за проблемот со договор на страните, и оти треба да се вложи труд за да не се зголемуваат тензиите.
- Азербејџан ќе го зголеми бројот на војниците во Авганистан -
Од друга страна, Алијев нагласи дека постои добра историја во соработката меѓу НАТО и Азербејџан, и потсети дека неговата земја учествува во голем број операции на НАТО, вклучувајќи ја и мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Претседателот на Аџербејџан информираше дека моментално 94 војници на Азербејџан се дел од мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Како што рече тој, донесена е одлука да испратат повеќе војници во оваа земја.
- „Ерменија сака да ја продолжи моменталната состојба“ -
Алијев пренесе дека заедно со Столтенберг се осврнале на регионалните безбедносни прашања. „Најголемата закана за регионалната безбедност произлегува од нерешениот проблем меѓу Ерменија и Азербејџан“, нагласи Алијев.
Истакнувајќи дека територијата на Азербејџан низа години била под окупација на Ерменија, Алијев пренесе дека над еден милион жители на Азербејџан станале бегалци или биле принудени да се раселат во својата земја.
„Извршено е етничко чистење на народот на Азербејџан. За жал, состојбата не се менува. Ерменија сака да ја продолжи моменталната состојба, колку што е можно повеќе“, додаде Алијев.
Алијев потсети дека Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) донел четири одлуки во врска со итно повлекување на сите сили на Ерменија од окупираните територии. Тој нагласи дека и покрај тоа, Ерменија повеќе од 20 години не ги спроведува овие одлуки.
Претседателот на Азербејџан истакна дека проблемот со Нагорно-Карабах треба да се реши во рамките на одлуките на Советот за безбедност на ОН, почитувајќи го територијалниот интегритет на Азербејџан.
Алијев истакна дека го информирал Столтенберг околу железничката линија Баку - Тбилиси - Карс, која како што рече, е успешно завршена заедно со партнерите, и додаде дека оваа железничка линија е најкраток пат меѓу Европа и Азија и го олеснува патувањето во Авганистан.