Islam Doğru
29 Јуни 2023•Ажурирај: 30 Јуни 2023
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот Стејт департмент палењето на примерокот на Куран, кое Салван Момик, по потекло од Ирак, под полициска заштита го изведе пред џамија во Стокхолм, го опиша како „без почит и болно“, известува Анадолу.
Ведант Пател, заменик-портпарол на Министерството за надворешни работи на САД, на дневната конференција за новинарите запрашан за палењето на светата книга Куран во Шведска одговори:
„Повеќепати зборувавме дека палењето на верските текстови е непочитување и болно и дека она што би можело да биде легално не мора да биде соодветно“, додавајќи дека повеќе коментари за овој инцидент би можело да дадат шведската власт и локалната полиција.
Пател истакна дека продолжуваат да ги поттикнат Унгарија и Туркије без одлагање да го ратификуваат пристапниот протокол за прием на Шведска во членството на НАТО.
Ирачкиот државјанин Салван Момик вчера пред џамија во Стокхолм, главниот град на Шведска, запали примерок на муслиманската света книга Куран.
Инцидентот се случи пред џамијата во Медборгарплатсен, каде што Момик прво го фрли Куранот на земја, по што го запали упатувајќи навредливи зборови на сметка на исламот.
Локалната полиција е повикана пред џамијата за да се спречи каков било инцидент како реакција на провокацијата.
Шведскиот жалбен суд на 12. јуни ја потврди одлуката на понискиот суд да се поништи забраната за палење на Куранот, пресудувајќи дека полицијата нема законски основи да ги спречи двајцата протестанти во палењето на Куранот претходно оваа година.
Во февруари полицијата не дозволи два обида за палење на Куранот, повикувајќи се на безбедносна загриженост, откако крајно десничарскиот дански политичар Расмус Палудан запали примерок на Куранот пред турската Амбасада во Стокхолм во јануари оваа година.
Подоцна две лица, кои се обидоа да организираат провокативни протести пред ирачката и турската Амбасада во Стокхолм, поднеле жалба на одлуката.
Во април Управниот суд на Стокхолм ја смени одлуката, пресудувајќи дека безбедносните ризици се недоволни за да ги ограничат можностите за демонстрации.