Zekeriya el-Kemali,Zeynep Hilal Karyağdı
06 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
МУСКАТ (АА) - Хусите од Јемен и делегација од партијата Генерален народен конгрес (GPC) на соборениот лидер Али Абдулах Салих се сретнаа со специјалниот пратеник на Обединетите Нации, Исмаил Вилд еш-Шех Ахмед во главниот град на Оман, Мускат, јавува Anadolu Agency (AA).
Од извори на делегацијата што учествувала на состанокот се дознава дека Хусите и делегацијата од партијата на Салих синоќа се сретнале со специјалниот претеник на ОН, Ахмет, за подготовка на мировните преговори.
Специјалниот пратеник Ахмед на средбата со Хусите и претставниците од партијата на Салих, Мухамед Абдуселам, Ариф ез-Зука, Хамза ел-Хуси и Халид ед-Дини, ги пренел гледиштата на министерот за надворешни работи на САД, Џон Кери за насоките во изнаоѓањето решение за кризата во Јемен.
Од делегацијата и од одговорните во Сана се бара да го разгледаат предлогот, со кој треба да се отстрани забраната за летови на меѓународниот аеродром во Сана, од 9 август, воведена од страна на коалициските сили и да се обезбеди нивно враќање во Сана пред Курбан Бајрам.
Хусите и делегацијата од партијата на Салих за предологот на Кери бараат тој да се спроведе истовремено, додека специјалниот пратеник на ОН, Ахмед истакна дека тоа треба да се спроведува постепено, со што меѓу двете страни продолжило недоразбирањето по ова прашање.
Се дознава дека делегацијата не го дала своето конечно одобрување за продолжување на мировните преговори и нема никаков резултат од остварената средба.
Од друга страна, се очекува специјалниот претставник на ОН, Исмаил Вилд еш-Шех Ахмед, претседателот на Јемен, Абд Рабу Мансур Хади и владина делегација во текот на денот да тргнат за Ријад, во Саудиска Арабија, со цел да се сретнат во врска со мировните преговори.
- Два дена делегација одбиваше да се сретне со Ахмед -
Поради забраната за летови на меѓународниот аеродром во Сана, од 9 август, која ја спроведуваат коалициските сили предводени од Саудиска Арабија, делегацијата која од тој датум досега е заглавена во Оман, два дена одбиваше да се сретне со специјалниот пратеник на ОН, Ахмед, информирајќи дека се одлучни да не се состануваат надвор од Сана.
Конечно, делегацијата синоќа се откажала од својата одлука, за која се вели дека покрај добиените инструкции од страна на Високиот политички совет, кој е формиран од страна на Хусите и партијата на Салих, со цел за „управување на државни работи“, ефикасни биле и напорите на министерот за надворешни работи на Оман, Јусуф бин Алеви.
- Насоки за продолжување на преговорите од страна на Кери -
Министерот за надворешни работи на САД, Кери, во август годинава, по состанокот во градот Џеда во Саудиска Арабија, соопшти дека за решавање на кризата во Јемен се подготвува нов предлог.
Беше пренесено дека во предлогот, меѓу останатото, Хусите треба да бидат дел од Владата на национално единство, Хусите да се повлечат од главниот град Сана и своето тешко наоружување во државата да го предадат на трета земја.
Мировните преговори коишто се одржаа во Кувајт со посредство на Обединетите нации, минатиот месец беа суспендирани. Специјалниот претставник на ОН, Ахмед, на прес-конференцијата изјави: „Го напуштаме местово, но мировните преговори продолжуваат“, додавајќи дека разговорите, кои ги опиша како „трансфер-патувања“ ќе започнат во Ријад и во Сана.
Подоцна Ахмед соопшти дека не се знае дали ќе се одржат мировните преговори закажани за 6 септември, бидејќи двете страни сѐ уште немаат постигнато никаков договор.