Maımaıtımıng Yılıxıatı
26 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Во јапонскиот пристаништен град Осака, во периодот 28-29 јуни ќе се одржи 14. Самит на најмоќните светски лидери на групата Г-20, пишува Anadolu Agency (AA).
Јапонскиот премиер Шинзо Абе ќе биде домаќин на лидерите од 19 земји членки на групата и од Европската Унија (ЕУ).
Лидерите на Соединетите Американски Држави (САД), Русија и Кина, планираат да одржат посебни состаноци, за да разговараат за спорните прашања како што се политиките на Блискиот Исток и тековнатa трговска војна помеѓу Вашингтон и Пекинг, кои би можеле да фрлат сенка врз Самитот.
Сите очи ќе бидат вперени на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Ѓинпинг, кои се очекува да потпишат договор за ставање крај или барем суспендирање на трговската војна која ја зафати светската енономија.
Трамп, исто така ќе одржи состанок и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да дискутира за договорот на Анкара за купување на рускиот одбранбен систем Ѕ-400 кој предизвика влошување на односите меѓу Турција и САД.
Се очекува Ердоган, во рамките на овој главен настан да се состане и со неговиот руски колега Владимир Путин.
Земјите од Г-20 сочинуваат 85% од глобалниот бруто-домашен производ (БДП), речиси 75% од вкупната меѓународна трговија и околу две третини од светската популација.
Како форум за влади и гувернери на Централната банка, основан во 1999 година, Самитот, на чиј годишен состанок учествуваат шефовите на државите, се одржува со цел да се разговара за политиките за промовирање на финансиската стабилност, слободната трговија и прашањата за животната средина.
Групата се состои од 19 земји членки, меѓу кои САД, Канада, Австралија, Саудиска Арабија, Индија, Русија, Јужна Африка, Турција, Аргентина, Бразил, Мексико, Франција, Германија, Италија, Велика Британија, Кина, Јапонија, Индонезија и Јужна Кореја, како и Европската Унија (ЕУ), која е претставена од Комисијата на ЕУ и Централната банка на ЕУ.
По инаугуративниот Самит на Г-20 во ноември 2008 година во Вашингтон, состаноците се одржуваа на половина година до 2010 година и годишно од 2011 година наваму.
Турција беше домаќин на ваквиот настан во 2015 година, а по неа следуваа Кина во 2016, Германија во 2017 и Аргентина во 2018 година.
Темите на годишниот Самит варираат во зависност од големите глобални проблеми и тековните кризи.
Иако Г-20 се смета за главен форум за меѓународна економска соработка, неодамнешните самити се фокусираа не само на макроекономијата и трговијата, туку и на широк спектар на глобални прашања кои имаат огромно влијание врз глобалната економија, како што се развојот, климатските промени и енергетиката, здравството, борбата против тероризмот, и миграциите и бегалците.
Зајакнувањето на меѓународниот поредок за слободна и фер трговија, дигитализацијата на економијата и справувањето со глобалните еколошки предизвици ќе бидат главните точки на Самитот оваа година.
Сепак, глобалната економија, трговијата и инвестициите, иновациите, животната средина и енергетиката, вработувањето, прашања поврзани со жените, развојот и здравјето, ќе бидат меѓу другите прашања кои ќе бидат опфатени во Јапонија.
Земјата домаќин на Самитот на Г-20, како претседател на Г-20, ја предводи групата во текот на една година од декември до следниот ноември. Претседателството на Г-20, исто така, организира релевантни состаноци на министерските и работните групи.
Саудиска Арабија се очекува да биде домаќин на следниот самит во ноември 2020 година.