Ekip
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
ЏАКАРТА (АА) - Шефот на ОН за човекови права, Зеид Рад ал Хусеин, денес разговараше со индонезискиот претседател, Џоко Видодо за кризата на муслиманското малцинство Рохинџи, јавува Anadolu Agency (AA).
Индонезиски официјален претставник изјави дека Ал Хусеин ја пофалил улогата на Индонезија во обезбедувањето помош на Рохинџа-бегалците за време на средбата со индонезискиот претседател која се одвивала зад затворени врати.
Според министерот за човекови права, Јасона Лаоли, Ал Хусеин, исто така, верува дека Индонезија може да води и посредува во напорите за решавање на кризата меѓу Рохинџите и Мјанмар.
„Индонезија е една од земјите која Мјанмар ја пречекува со отворени раце“, вели Лаоли.
Видодо и Ал Хусеин дискутираа и за ситуацијата во бегалскиот камп Кокс Базар во Бангладеш.
Видодо минатиот месец го посети Кокс Базар испорачувајќи 10,5 тони помош од Индонезија. Тој вели дека Индонезија е истрајна во помошта за Рохинџите од минатиот септември, кога испратила 34 тони помош во вид на храна, ќебиња и медицински лекови.
Покрај тоа, Индонезиската хуманитарна алијанса како и неколку други хуманитарни агенции, исто така, формираа камп во населбата.
Ал Хусеин рече дека се надева оти Индонезија може да дејствува како пример за светот, во согласност со нејзиниот статус како најголема демократија со мнозинство муслимани.
Араканските муслимани Рохинџи веќе со години се најзагрозено етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Според податоците на „Лекари без граници“, од 25 август досега се убиени најмалку 9.000 муслимани.
Според последните бројки објавени од страна на ОН, по нападите што во Аракан ги спроведува мјанмарската војска, од 25 август до денес, во Бангладеш избегаа 655.000 аракански муслимани. Се претпоставува дека во 1970-тите години во Аракан живееле околу 2 милиони муслимани, но оваа бројка денес е намалена под 350.000, поради бегствата од систематските напади. Во нападите, коишто прераснаа во етничко чистење, беа запалени над 300 села.