Servet Günerigök
12 Мај 2021•Ажурирај: 13 Мај 2021
ВАШИНГТОН
Израел и Палестина се на пат кон војна од полни размери, предупреди специјалниот координатор на ОН за блискоисточниот мировен процес Тор Венесланд, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Прекинете го огнот веднаш. Ескалираме кон војна од полни размери. Лидерите на сите страни мора да преземат одговорност за деескалација. Цената на војната во Газа е поразувачка и ја плаќаат обичните луѓе. ОН работат со сите страни да го вратат мирот. Запрете го насилството сега“, наведе тој на Твитер.
Неговото предупредување дојде откако израелските воени авиони започнаа рации доцна во понеделникот во Појасот Газа во офанзива што Војската ја нарекува операција „Чувари на ѕидот“.
„Бројот на Палестинците што се убиени од израелските сили од почетокот на офанзивата во Појасот Газа се зголеми на 30, вклучувајќи жена и десет деца, а бројот на повредени е 203“, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Тензиите се зголемија во населбата Шеик Џарах во Источен ал-Кудс од минатата недела, откако израелскиот суд наложи деложација на палестинските семејства.
Палестинците кои протестираат во знак на солидарност со жителите на Шеик Џарах се цел на израелските сили.
Тројца Израелци исто така се убиени, а 31 лице се ранети во палестинските ракетни напади.
Израел го окупираше Источен ал-Кудс за време на Арапско-израелската војна во 1967 година и го анектираше целиот град во 1980 година, потег што меѓународната заедница никогаш не го призна.