Ekipa
02 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Каламард, истакна дека сѐ уште врши притисок врз американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) да ја објави својата проценка од бруталното убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кое се случи во Истанбул пред две години.
Во интервју за Агенција Анадолија, таа изјави дека посредните докази укажуваат на тоа дека саудискиот принц Мухамед бин Селман целосно бил упатен и дека тој дал одобрение за убиството на Кашоги.
Каламард говореше на втората годишнина од убиството на новинарот во Саудискиот конзулат во Истанбул, Турција.
„Малку е веројатно дека Џамал Кашоги бил убиен на тој начин без целосно знаење и согласност од страна на саудискиот принц“, изјави Каламард.
„И фактот што некои од неговите најблиски советници биле вклучени во фазата на претходно планирање, има тенденција да покаже посредна вмешаност во однос на неговото наредување на убиството“, изјави Каламард.
Таа посочи дека фактички, материјално и лично не можела да пронајде докази кои директно го поврзуваат принцот со убиството на Кашоги.
„Еве зошто завршената работа од страна на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и информациите кои ги собра се важни. И затоа треба континуирано да бараме јавно објавување на проценката на ЦИА за одговорноста на Мухамед бин Селман“, рече Каламард.
- Не можеме да бидеме заложници на правдата -
Каламард рече дека според нејзиното мислење, другите нации во меѓународната заедница можеби не биле толку моќни колку што нејзиниот тим би сакал да се во осудата кон државата Саудиска Арабија како одговорна, и за нејзината неподготвеност да ги доведе одговорните пред лицето на правдата.
„Не очекувам многу од Саудиска Арабија. И, за жал, не очекував многу, кога пред година и пол, започнав истрага“, рече таа.
„Отсекогаш сум велела, не можеме да бидеме заложници на саудискиот судски систем. Знаеме колку е несовршен.“
Нејзиниот тим знае колку е покорен саудискиот судски систем на политичката вмешаност.
„За жал, саудискиот судски процес кој се случуваше од јануари 2019 до септември 2020 година нѐ убеди во нашите сомневања“, изјави таа.
Судењето во Саудиска Арабија беше широко критикувано за сузбивањето на прашањето за вмешаноста на Мухамед бин Селман во убиството.
Таа вели дека според моменталната состојба на работите, има мала надеж дека Саудиска Арабија ќе спроведе правилна судска постапка.
„Така, мораме да бараме друго место за правда. Тоа нема да биде во саудискиот суд“, изјави Каламард.
- Бојкот на Г20 -
Специјалната известувачка на ОН изрази поддршка за бојкотот на некои големи светски градови кон Претседателството на Саудиска Арабија на Г20, со тоа што градоначалниците на Њујорк, Лос Анџелес, Париз и Лондон одбија да присуствуваат на меѓународниот Самит организиран од Саудијците.
Новинарот Џамал Кашоги беше убиен во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври 2018 година.
Администрацијата на Ријад, која првично го негираше убиството, подоцна мораше да признае и испрати 11 лица на суд, поради поврзаност со убиството на Кашоги. За петмина од нив се бараше смртна казна.
На рочиштето одржано во Кривичниот суд во Ријад на 23 декември 2019 година, петмина од 11 обвинети беа осудени на смртна казна, тројца на затворска казна, додека за другите три лица немаше доволно докази, па затоа ним им беше забрането да патуваат во странство.
Судот на 7 септември ја објави конечната одлука за осумтемина обвинети. Судот, кој претходно изрече смртна казна за пет лица, ја измени казната со 20 години затвор. Еден од останатите тројца беше осуден на 10 години затвор, а другите двајца по 7 години затвор.
Меѓународните организации за човекови права овие судски постапки ги оценија како смешни.
Каламард ги пофали напорите на Турција, велејќи: „Мило ми е што Турција напредува со судењето. Среќна сум што го подигна нејзиното прво обвинение во јули.“
Таа додаде: „И сега второто обвинение во септември, мислам дека е важно поради интегритетот на истрагата во Турција.“