Sena Güler
07 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
МАДРИД (АА) - Социјалистичката партија (PS) победи на општите избори што се одржаа вчера во Португалија, но не го освои мнозинството гласови, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешни работи на Португалија соопшти дека партијата добила 106 места во Парламентот, кој брои 230 места, односно освоила 10 места помалку од бројот што е потребен за формирање влада.
Партијата која владееше со малцинска влада во последните четири години со надворешна поддршка од Комунистичката партија и Левиот блок (BE), повторно ќе треба да побара поддршка за формирање нова влада.
Но, партијата освои повеќе гласови и пратенички места споредбено со минатите избори.
Во врска со резултатите, премиерот и лидер на партијата, Антонио Коста, рече: „Политичката стабилност е основа за меѓународниот кредибилитет на Португалија. Португалскиот народ избра посилна Социјалистичка партија за стабилна влада.“
Истакнувајќи дека неговата партија излегла од изборите посилна, Коста додаде дека стабилноста што ја создадоа ќе биде зачувана за уште наредни четири години.
- Крајнодесничарските партии ја изгубија поддршката -
Во вчерашните анкети, и централнодесничарската Социјалдемократска партија (PSD) и христијанско-демократската Народна партија (PP), кои победија на изборите во 2015 година со коалиција, но не успеаја да обезбедат мнозинство за формирање влада, изгубија значителен број гласови.
Социјалдемократската партија (PSD) покажа еден од најлошите резултати во својата историја, освојувајќи 28 отсто од гласовите и 77 места во Парламентот.
Асунсан Кришташ, лидерката на партијата, ја прифати загубата и донесе одлука за одржување на вонреден совет, како и одлука да не се кандидира за претседател.
Крајнодесничарската партија Чега освои само едно место во Парламентот, што е првпат за оваа партија во 45 години, откако Португалија премина во демократија во 1974 година, по четиридеценискиот фашистички режим.
- Рекордна слаба излезност -
Излезноста на вчерашните избори беше најниска од 1975 година со 54 отсто, два отсто помала од претходните избори во 2015 година.
Прераспределбата на 230-те пратенички места во Парламентот според изборните резултати е:
Социјалистичката партија (PS) 106 места, Социјалдемократската партија (PSD) 77, Левиот блок (BE) 19, Зелената алијанса заедно со Комунистичката партија (CDU-PCP) 13 места, Народната партија (PP) 5, партијата ПАН (Луѓе-животни-природа) 4, Чега 1, Либералната иницијатива (IL) 1 и Либералната партија (L) 1.
Распределбата на преостанатите четири пратенички места ќе биде решена по целосното завршување на броењето на гласовите од гласачите од странство.