Mücahit Oktay
28 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации ја осуди егзекуцијата на четворица политички активисти во Мјанмар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека членовите на Советот за безбедност на ОН силно го осудиле погубувањето на опозициските активисти во текот на изминатиот викенд.
„Се упатува апел за итно ослободување на сите произволно приведени, вклучително и претседателот Вин Мјинт и државната советничка Аунг Сан Су Чи“, се наведува во соопштението.
Воената управа, која дојде на власт по пучот во Мјанмар во 2021 година, егзекутирала 4 лица, вклучително претставникот на Националната демократска унија (NLD), кој е соборен со пуч.
Мјанмарскиот весник „Мирор дејли“ (Mirror Daily) објави дека 4 лица се егзекутирани „во согласност со законските процедури“ поради планирање и насочување на „насилни и терористички убиства“.
Аунг Мјо Мин, министерот за човекови права во Владата на националното единство против пучот, рече дека целта на егзекуцијата е да се исплашат луѓето.
Елејн Пирсон, директорката за Азија во Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (HRW), изјави дека егзекуциите се „неправедни и политички мотивирани“. Пирсон рече дека воениот режим со овие погубувања има за цел да ги разбие протестите против државниот удар.
Мјанмарската војска на 1 февруари 2021 година изведе пуч и ја презеде власта во државата. Војската прогласи вонредна состојба од една година и ги уапси челниците на Владата, вклучително и Аунг Сан Су Чи.
Таа оттогаш е во притвор и оттогаш не ѝ е дозволено да зборува во јавноста. Ѝ се суди на затворени седници, а на нејзините адвокати им е забрането да изнесуваат информации за судењата.
Во интервенција на мјанмарската војска против групата и поединците кои се спротивставија на пучот, досега загинаа 902 лица, а илјадници се приведени.
Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) претходно соопшти дека повеќе од 1.400 луѓе се убиени, а повеќе од 10.000 демонстранти се приведени.