Enes Canlı,Mustafa Öztürk
13 Март 2024•Ажурирај: 14 Март 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел, кој е обвинет за геноцид, објави дека шест камиони со хуманитарна помош биле испратени како „пилот-проект“ под координација на Обединетите нации (ОН) на северот од Појасот Газа, јавува Анадолу.
Во соопштението на израелската војска се наведува дека шест камиони со хуманитарна помош од Светската програма за храна (WFP) влегле во северниот дел на Појасот Газа, во согласност со директивите на Владата на Израел.
Се истакнува дека хуманитарниот конвој е „изграден како пилот-проект за да се спречи Хамас да стигне до помошта“.
Објавено е дека камионите се прегледани на Граничниот премин Керем Абу Салим (Шалом), кој е под контрола на Израел.
Локален извор изјави дека сѐ уште нема информации дали хуманитарната помош стигнала во регионот.
Околу 400.000 Палестинци, кои немаат покрив над главата, се борат со гладот и недостигот на вода за пиење во северниот дел на Појасот Газа.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека бројот на починати од глад и жед се искачил на 27.
По тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било дејства поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, нападите продолжуваат со несмалено темпо, а испораката на помош и понатаму е недоволна за справување со хуманитарната катастрофа.
Од 7 октомври минатата година, во израелските напади врз Појасот Газа загинаа 31.184 Палестинци, додека повредени се 72.889.