Смртните случаи зголемени за 63 % поради рекордно високите глобални температури
Извештајот, објавен вчера, покажува дека 84 % од деновите со опасни топлински бранови забележани во период меѓу 2020 и 2024 година не би се случиле без климатските промени. Најранливи остануваат доенчињата и лицата постари од 65 години.
ЛОНДОН (AA) – Бројот на смртни случаи поврзани со екстремна топлина се зголемил за 63 % од 1990-тите, достигнувајќи околу 546.000 случаи годишно, според најновиот извештај „Лансет каунтдаун“ за здравјето и климатските промени, јавува Анадолу.
Извештајот, објавен вчера, покажува дека 84 % од деновите со опасни топлински бранови забележани во период меѓу 2020 и 2024 година не би се случиле без климатските промени. Најранливи остануваат доенчињата и лицата постари од 65 години.
Топлинските бранови довеле до рекордна загуба од 639 милијарди работни часови во светот – што е за 98 % повеќе од просекот во 1990-тите, со економска штета од околу 1,09 билиони долари, односно околу 1 % од глобалниот БДП.
„Заканите по здравјето од климатските промени достигнаа невидени размери“, се наведува во годинешниот извештај, кој предупредува дека климатските промени „ги дестабилизираат планетарните системи и животната средина од кои зависи човечкиот живот“.
Покрај смртните случаи поврзани со топлината, документот ја поврзува изложеноста на чад од пожари со рекордни 154.000 смртни случаи минатата година.
Извештајот исто така укажува дека просечниот глобален потенцијал за пренос на денга треска, вирусна инфекција што ја шират комарците, се зголемил за 49 % од 1950-тите.
Загадувањето на воздухот од согорување на фосилни горива се поврзува со околу 2,5 милиони смртни случаи годишно, се додава во извештајот.
Податоците за 2023 година покажуваат дека емисиите од енергетскиот сектор се зголемени за 1,6 %, достигнувајќи рекордни нивоа, додека губењето на шумските површини на глобално ниво се зголемило за 24 %, односно на повеќе од 28 милиони хектари.
Во 2024 година, просечните глобални површински температури за првпат ја надминаа границата од 1,5°C над прединдустриското ниво, а изминатата деценија била најтоплата досега регистрирана.
Извештајот, објавен во пресрет на климатскиот самит КОП30 во Бразил, повикува на поголеми инвестиции во енергија без јаглерод, климатски отпорна инфраструктура и подобро планирање на здравствените системи за справување со климатските последици.
Авторите остро ја критикуваат одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја повлече земјата од меѓународните програми за помош и климатски иницијативи.
„Прекинувањето на овие штетни политики и преземањето на суштинска климатска акција е клучно за заштита на здравјето и животот на луѓето“, се наведува во извештајот.
„Охрабрувачки е тоа што ваквите чекори истовремено можат да донесат големи и непосредни здравствени и економски придобивки“, се додава во извештајот, со напомена дека чистата енергија учествувала со 10 % во глобалниот економски раст во 2023 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
