СКАРДУ (АА) - Скарду, живописната долина со сини води опкружена со високи планини, се наоѓа на надморска височина од над 2.225 метри во северниот дел на пакистанскиот регион Гилгит-Балтистан, пишува Anadolu Agency (AA).
Убавината на долината е збогатена и со нејзините свежи изворски води, вкусните плодови, сината вода на реката Инд, историските места, езерата и пријатните временски услови, кои привлекуваат туристи од целиот свет.
Градот Скарду е главен урбан центар и седиште на областа Скарду, стратешки регион во северниот дел на Пакистан, кој граничи со Кина, Авганистан и Индија.
Долината е позната како главен туристички центар и средиште на прекрасни патеки за планинарење, и премин кон четирите врвови високи над 8.000 метри, привлекувајќи туристи и планинари од целиот свет.
- Планинарски патеки до глечерот Балторо, камп на базата за К2 -
Според пакистанската Корпорација за развој на туризмот, пет од 14-те највисоки врвови во светот над 8.000 метри височина се наоѓаат на Хималаите и на планината Каракорам во северен Пакистан, вклучувајќи го и К2 - втората највисока планина во светот - Широк врв, Гашербрум и Нанга Парбат. Четири од овие врвови се наоѓаат во Скарду, додека Нанга Парбта лежи во округот Димер на Хималаите во Гилгит-Балтистан.
Долината е средиште за планинарите од целиот свет, почнувајќи од април до октомври во текот на летото, додека зимите во Скарду се снежни и студени.
Меѓу туристичките атракции во текот на летото се и езерото Качура, водопадот Мантоха, студената пустина Сарфранга, тврдината Шигар и карпата Буда во Скарду.
Величествената долина поседува и импресивни глечери во Балторо, Гиари и Гјонг во подрачјето на Сијачен.
Градот Скарду се наоѓа покрај брегот на реката Инд, опкружен со планини без зеленило и со песочни дини. Во близина на градот, реката е широка и мирна.
Од главниот град на Пакистан, Исламабад, се стигнува за 25-30 часа возење, додека по воздушен пат се стигнува за помалку од еден час. Доколку дозволуваат временските услови, „Пакистан интернешнал ерлајнс“ (Pakistan International Airlines) (PIA) нудат дневни летови до Скарду.
- Историски туристички места -
Тврдината Шигар се наоѓа на околу 44 километри од Скарду, на рутата до втората највисока планина во светот, К2.
Тврдината е изградена на карпа која била палата на раџата на Шигар пред околу 400 години, а сега е претворена во гостинска куќа со 20 соби за туристи, и музеј на културата на Балтите.
Одморалиштето Шангри-Ла е уште едно туристичко место во долината, прекрасен ресорт на брегот на вештачко езеро со проѕирни сини води.
Но, хотелските цени и цените на храната во Скадру во текот на туристичката сезона во лето се многу високи.
„Хотелите и храната се многу скапи овде, бидејќи за обична соба плативме 15.000 рупии [96 долари] за една ноќ“, изјави за АА Ваџахат Али, турист од Лахоре.
Долината е покриена со снег во зима. Патиштата кон и надвор од Скарду можат да бидат блокирани неколку дена, а воздушниот сообраќај е единствената возможна алтернатива за да се стигне до другите делови на земјата.
- Езерото Сатпара -
Сатпара, прекрасно природно езеро кое се наоѓа на надморска височина од 2.600 метри, на површина од 2,5 км, е уште една популарна туристичка атракција. Езерото се наоѓа на околу 9 км северно од Скарду.
Владата изгради мала брана, која придонесува кон убавината на езерото.
Според пакистанската Управа за води и енергија, браната Сатапа, која има капацитет од 17,3 мегавати, во градот освен струја наводнува и 15.536 хектари земја. Браната е исто така главен извор на вода за пиење за жителите на Скарду.
Странските и локалните туристи кои го посетуваат езерото уживаат во неговите сини води, додека многу туристи исто така го посетуваат за риболов, бидејќи е возбудливо место за риболов на пастрмка. Но, без претходна дозвола од надлежните органи, риболовот не е дозволен.
- Овошјето, најголем извор на приход -
Регионот Гилгит-Балтистан е познат по вкусните плодови, свежи и сушени. Според Советот за земјоделство на Пакистан, долината произведува различни видови овошје како кајсии, јаболка, бадеми, круши, цреши и ореви.
„Овошјето е главен извор на приход за нас, бидејќи нашето подрачје произведува големи количини свежо и сушено овошје“, изјави за АА Мухамед Ејуб, жител на Скарду.
„Но, некои жители заработуваат многу пари во текот на летната туристичка сезона“, додаде тој.
Подрачјето е мирно и локалното население е познато по своето гостопримство.