Ömer Koparan
05 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
АЛ БАБ/АНКАРА (АА) - Шеснаесеттиот конвој кој ги транспортира лицата што се принудени на евакуација од Источна Гута, која е под блокада на режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи во Сирија, пристигна во подрачјето на Ал Баб, кое се наоѓа во подрачјето на кое се одвиваше офанзивата „Штитот на Еуфрат“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамки на присилните евакуации од Источна Гута, конвојот составен од 13 автобуси со цивили кои сакаат да го напуштат подрачјето на Дума, кое е последна точка под опсада на режимот и неговите поддржувачи, пристигна во подрачјето на Ал Баб.
Како што пренесува новинарот на АА од Ал Баб, во 16-тиот конвој, кој ги транспортира цивилите во рамки на присилните евакуации од Источна Гута што започнаа на 22 март, се наоѓаат 633 лица, од кои 233 се деца и 180 жени. Со оваа бројка, бројот на лицата што ја напуштија Источна Гута се искачи над 50.000 лица.
Евакуираните лица ќе бидат сместени во привремените центри изградени во местото Кабасин во реонот на Баб.
- Процесот кој води кон евакуација -
Асад и неговите поддржувачи, со воздушна поддршка на Русија, од 19 февруари ги интензивираа воздушните и копнените напади врз ова подрачје, каде што живеат околу 400.000 цивили. Како резултат на овие напади, голем број цивили го загубија животот, а илјадници цивили што постојано се изложени на напади и чиишто куќи се запалени, се засолнија во подрумите.
Цивилните загуби во Источна Гута, која е изложена на интензивни напади од режимот и неговите поддржувачи, продолжија и покрај одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за прекин на огнот донесена на 24 февруари.
Од друга страна, Русија на 27 февруари соопшти дека примирјето ќе се спроведува секој ден од 09:00 до 14:00 часот по локално време, и тврдеше дека режимот ќе го почитува тоа.
Но, силите на режимот непрекинато продолжија со нападите и покрај одлуката на Советот за безбедност на ОН и Русија за примирје. Силите на режимот на 3 март започнаа копнена операција и продолжија со напаѓање на цивилните населени места.
Режимот и неговите поддржувачи во периодот од 11 до 12 март се движеа од источниот кон западниот дел на Источна Гута, и го опколија подрачјето на Хареста, додека Источна Гута ја поделија на 3 дела.
Пет години под опсада живееја 400.000 цивили од Источна Гута, која е под контрола на опозицијата. Десетици илјади лица беа принудени да мигрираат во местата под контрола на режимот откако Асадовиот режим, со поддршка на Русиjа, интензивирајќи ги нападите во последните месеци, ја презеде контролата на повеќе од половина од ова подрачје.