?kipa
13 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
ИДЛИБ (АА) - Во Сирија продолжува присилното иселување на цивилите од северен Хомс кој е под опсада на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
По интензивните напади од страна на режимот на Асад и тешките животни услови поради опсадата, во Идлиб и руралните делови на западен Алепо пристигна четвртиот конвој на цивили од Хомс.
Според информации на АА од Идлиб, синоќа по полноќ во населеното место Мадик Кале, во подрачјето на Хама, пристигнал четвртиот конвој со 1.500 лица кои го напуштија подрачјето на северен Хомс поради опсадата што режимот и неговите поддржувачи ја спроведуваат во тоа подрачје.
Евакуацискиот конвој составен од 33 возила беше следен од возило за брза помош и три празни автобуси за итни ситуации.
Жителите на Хомс по пристигнувањето во подрачјето, беа сместени во западните делови на Алепо и во Идлиб.
Се дознава дека поради зголемениот број на пристигнати лица во последниот период, во регионот постои недостаток од капацитети за сместување на раселените лица.
Вклучувајќи го и последниот конвој од северен Хомс иселени се повеќе од 10.000 лица.
Се очекува процесот на иселување од северен Хомс да продолжи и во наредниот период.
- Последна ситуација на раселување од Хомс -
По преговорите на опозицијата и режимот со посредство на Русија, минатата недела започна присилното иселување од северниот дел на Хомс.
Опозицијата во северен Хомс, која под своја контрола држи површина од 592 квадратни километри, веќе 5 години е под блокада. Во овој регион живеат меѓу 200 и 250 илјади лица.
Во мај 2017 година на средбите во Астана, овој регион беше ставен во рамките на зоните без судири, но режимот на Асад по освојувањето на Источна Гута, покрај кампот Јармук во Дамаск, започна со интензивни напади и врз Хомс.