Michael Hernandez
23 Март 2017•Ажурирај: 24 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Силите поддржани од САД започнаа кампања за преземање контрола врз браната во сирискиот град Табка од ДЕАШ, соопшти коалицијата предводена од САД, јавува Аnadolu Agency (AA).Портпаролот на армијата, полковник Џо Скрока, за новинарите изјави дека офанзивата на Сириските демократски сили (SDF) ги изненадила припадниците на ДЕАШ, со воздушните напади зад непријателските линии.
„За тоа се потребни смелост и храброст, а СДФ го има тоа“, рече тој.
Коалицијата ја поддржа офанзивата со хеликоптери и други авиони за воздушен мост на СДФ, потоа со воздушни напади, со хаубици M777, и преку советници за специјални операции, како и со користење на хеликоптерите Апачи, кои обезбедија блиска воздушна поддршка.
„Ова е пораката за ДЕАШ - нивниот ден е завршен“, рече Скрока.
Скрока истакна дека воздушниот мост е прва таква акција преземена од страна на коалицијата, и тој не знаеше дали тоа ќе биде и последна.
„Сигурен сум дека ДЕАШ нема да очекува ништо помалку од ова“, рече тој.
Браната Tабкa се наоѓа во југоисточниот дел од езерото Асад, на околу 40 километри од градот Рака, - самопрогласениот главен град на ДЕАШ кој СДФ сака да го опколи.
Преземањето на браната е клучен елемент за економијата во северниот дел на Сирија и околните области, и се смета за главна цел во обидите да се изолира Рака.
„Браната, градот и воздушниот простор се клучни локации за ДЕАШ во однос на можноста за прилив на странски борци, како и започнување операции, и претставува последната алка на нивната територија западно од реката Еуфрат“, изјави Скрока.
Тој рече дека со потенцијалното уништување на браната ќе се создаде хуманитарна катастрофа, затоа коалицијата, истакна Скрока, ги презема сите мерки на претпазливост со цел тоа да не се случи.
Поддршката што САД им ја дава на СДФ кои се поддржани од ЈПГ е спорна за Турција бидејќи ЈПГ претставува сириски огранок на терористичката организацијата ПКК, која пак се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ.
Прашан дали во силите на СДФ има и курдски сили, Скрока потврди, но не кажа дали учествувале и ЈПГ.
Тој додаде дека приближно 80 отсто од силите на СДФ ги сочинувале арапски борци.