Adham Kako
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во октомври во Сирија животот го загубиле најмалку 923 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот објавен од страна на Сириската мрежа за човекови права се вели дека минатиот месец, поради судирите меѓу поддржувачите на Асадовиот режим, опозициските војници, терористичките организации ДЕАШ и ПКК/ПЈД, руските сили, меѓународната коалиција против ДЕАШ и вооружена група против режимот, Хејет Тахрир Шам (Советот за ослободување на Дамаск), во Сирија животот го загубиле најмалку 923 цивили, од кои 209 деца и 143 жени.
Во извештајот се наведува дека во нападите на Асадовиот режим против цивилите, во текот на минатиот месец загинале најмалку 398 лица, од кои 78 деца и 62 жени, а во воздушните напади на Русија смртно настрадале 221 лице, од кои 68 деца и 36 жени.
Според овој извештај, во нападите на коалицијата предводена од страна на САД, минатиот месец животот го загубиле вкупно 71 цивил, од кои 22 деца и 15 жени; во нападите извршени од страна на терористичката организација ПКК/ПЈД поддржана од страна на САД, загинале 15 лица, од кои 7 жени, а во нападите на терористичката организација ДЕАШ смртно настрадале 162 цивили, од кои 24 деца и 16 жени.
Како што се вели во извештајот, 16 цивили, од кои 3 деца и 4 жени, го загубиле животот во судирите меѓу воената опозиција и Асадовите сили, а Хејет Тахрир Шам предизвикал смрт на еден цивил.
Од друга страна, бројот на лицата што го загубиле животот како резултат на нападите на неидентификувани лица или групи достигнал до 39, од кои 14 се деца и 3 жени.
Во извештајот на Сириската мрежа за човекови права се наведува дека голем број убиства се случиле во градот Деир ез Зор, каде што животот го загублие вкупно 477 цивили, од кои 389 како последица на нападите од страна на режимот и Русите.
Според извештајот, во периодот од јануари до октомври, во Сирија загинале најмалку 9.038 цивили.
„Обединетите нации треба да извршат притисок врз земјите што им даваат поддршка на владините сили (Асадовиот режим), како Русија, Иран и Либан, и да овозможи да се стави крај на поддршката за оружјето“, се вели извештајот на Сириската мрежа за човекови права (SNHR).