Halil Fidan
19 Март 2018•Ажурирај: 19 Март 2018
АФРИН (АА) - Најмалку 11 лица загинаа во експлозија на бомба, поставена од терористите на ЈПГ/ПКК во една четирикатница во сирискиот град Африн, кој вчера беше ослободен од терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу загинатите се наоѓаат 7 цивили и 4 војници, припадници на Слободната сириска војска (ССВ), а предизвикана е и материјална штета на поголем број околни објекти и возила.
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, синоќа, припадници на ССВ, додека извршувале пребарување на теренот, ја активирале бомбата, поставена од терористите во една зграда во населбата Ахмад Шавки.
Последиците што ги предизвика експлозијата, се увидоа на дневна светлина. Детонацијата направи кратер, длабок неколку метри.
Насир Фуад во експлозијата загубил две блиски лица од роднините.
Според неговите зборови, терористите поставиле експлозивни направи уште во неколку објекти.
„Бомби и мини поставија во куќите на луѓето кои не им припаѓаа на нивната организација. Се радуваме што си заминаа, но не нè оставија на мир. Семејството на моите роднини е во многу тешка состојба. Не знаеме што да правиме. Сѐ уште не можеме да ги преземеме телата“, изјави Фуад.
Фадил Рандав, припадник на Слободната сириска војска, во експлозијата загуби соборци.
„Нашите браќа вршеа проверка дали има терористи во зградата. Кога влегоа внатре, дојде до експлозија. Телата сѐ уште се внатре. Единствена цел на терористите е убивање луѓе“, рече Рандав.