Enes Canlı
07 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Силите лојални на воениот командант од источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, тврдат дека во јужниот дел на Триполи срушиле борбен авион на силите лојални на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите на Хафтар соопштија дека го срушиле авионот на Владата на национално единство кој имал намера да го бомбардира местото Ал Хира во јужниот дел на Триполи.
„Пилотот на срушениот авион е фатен и станува збор за Португалец“, се наведува во соопштението.
Не откривајќи за кој тип на авион се работи, ниту на кој начин е срушен, силите на Хафтар на социјалните мрежи објавија и фотографија на машко лице. Лицето на мажот на фотографијата е затемнето, но се гледа дека ликот е крвав и ранет.
Либиската Влада досега не го коментираше случајот.
Силите на Хафтар на почетокот на минатиот месец започнаа напади, со цел заземање на главниот град на Либија, Триполи, а владините сили започнаа контранапади и ги запреа налетите на силите на Хафтар на периферијата на градот.
Светската здравствена организација (WHO) соопшти дека во судирите во Триполи загинале повеќе од 400 лица.
Либија е средиште на превирања од 2011 година, кога востанието поддржано од НАТО доведе до соборување и смрт на дотогашниот лидер Муамер Гадафи, кој беше на власт во земјата цели четири децении.
Оттогаш, силните политички поделби во земјата создадоа две ривалски места на моќ: едно во источниот град Бенгази, каде што се сконцентрирани силите на Хафтар, а другото во Триполи, поддржано од ОН.