Bayram Altuğ
15 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека жалат за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, САД да прекинат со финансирањето на СЗО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гебрејесус преку видеоконференција одржа прес-конференција во седиштето на СЗО во Женева, Швајцарија.
Наведувајќи дека Соединетите Американски Држави (САД) се долготраен и дарежлив пријател на СЗО, Гебрејесус рече: „Се надеваме дека и така ќе продолжи. Жалиме за одлуката на Трамп да прекине со финансирањето на СЗО.“
Тој нагласи дека СЗО, со поддршка на американскиот народ и американската Влада, обезбедува здравствени услуги на најсиромашните и најранливите луѓе во светот.
Потсетувајќи дека СЗО не се бори само против новиот вид коронавирус ,Ковид-19, Гебрејесус, рече дека тие исто така работат на болестите како што се детската парализа, сипаниците, маларијата, еболата, ХИВ, туберкулозата, недоволната исхрана, карциномот, дијабетесот и многу други.
„СЗО го разгледува влијанието на стопирањето на американските фондови. Со нашите партнери ќе работиме за да ги затвориме празнините во нашиот буџет и да обезбедиме нашата работа да продолжи непрекинато“, рече Гебрејесус.
Нагласувајќи дека светот се соочува со „заеднички непријател“, Гебрејесус го повтори повикот за глобална солидарност во борбата против Ковид-19.
- Трамп го прекина финансирањето на СЗО -
Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција изјави дека САД го запираат финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) во услови на пандемијата на коронавирусот, обвинувајќи го СЗО „за одбрана на кинеските тези“ и „неспроведување веродостојна истрага за тоа како епидемијата се рашири во Вухан.“
Трамп исто така рече дека Светската здравствена организација (СЗО) треба да поднесе одговорност затоа што не може да ги исполни своите основни задачи.
Истакнувајќи дека СЗО работи за Кина, Трамп рече: „Денес ѝ наложувам на мојата администрација да запре со финансирањето на СЗО. Сите знаат што се врти таму.“