Mohammad Sıo
26 Декември 2024•Ажурирај: 27 Декември 2024
ЕРУСАЛИМ (АА) - Семејствата на израелските заложници во Газа денес се заканија со правна постапка против премиерот Бенјамин Нетанјаху, обвинувајќи го дека го блокирал договорот за размена на затвореници со Палестинците, јавува Анадолу.
„Ќе поднесеме петиција до Високиот суд доколку продолжите да ги оставате нашите блиски во заробеништво на Хамас“, велат семејствата во писмото до Нетанјаху, цитирано од израелскиот дневен весник „Једиот ахронот“.
Во писмото во кое се обвинува израелскиот премиер дека ги попречува напорите за постигнување договор за размена на затвореници со Хамас, се вели:
„Одбивањето да се стави крај на војната ги жртвува заложниците и ги намалува нивните шанси да се вратат живи“.
Хамас вчера соопшти дека прекинот на огнот во Газа и размената на затвореници се одложени поради новите израелски услови.
„Израелската окупација постави нови прашања и услови поврзани со повлекувањето, прекинот на огнот, затворениците и враќањето на раселените, а тоа го одложи постигнувањето договор што беше изводливо“, се додава во соопштението.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот рече дека израелскиот преговарачки тим ќе се врати од Катар на консултации за потенцијален договор за размена на затвореници со Хамас.
Набљудувачите, сепак, сметаат дека најавата на Нетанјаху е дел од моделот на одложување на преговорите.
Од досега единствениот прекин на огнот кон крајот на ноември 2023 година израелскиот премиер навести напредок во разговорите за размена на затвореници и потенцијален прекин на огнот, а подоцна инсистираше на продолжување на воените операции во Појасот Газа.
Се верува дека Израел држи повеќе од 10.300 палестински затвореници, а околу 100 израелски заробеници се во Газа. Хамас соопшти дека десетици заробеници биле убиени во неселективните израелски воздушни напади.
Израел започна геноцидна војна во Газа на 7 октомври 2023 година, во која досега уби повеќе од 45.400 Палестинци, главно жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд минатиот месец издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против Газа.