Ayşe Doğru
10 Август 2019•Ажурирај: 12 Август 2019
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја лансираше уште две балистички ракети со краток дострел во Источното Море, соопштено е од војската на Јужна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Војската наведува дека тестирањето на проектилите е извршено денеска и дека тие се испалени од подрачјето околу североисточниот град Хамхунг.
Се истакнува дека ракетите, по летот од 400 километри паднале во Источното Море, помеѓу Јапонија и Корејскиот Полуостров.
Додека САД го намалуваат значењето на проектилите на Пјонгјанг со краток дострел, на Северна Кореја ѝ е забрането тестирање на балистички ракети според резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
Велика Британија, Франција и Германија претходно објавија соопштение во кое ги осудуваат неодамнешните лансирања на Северна Кореја, по состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации зад затворени врати.
Набрзо по последните провокации на Северна Кореја, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека дијалогот за денуклеаризација на Пјонгјанг може да продолжи во согласност со договорот со севернокорејскиот колега Ким Џонг Ун, бидејќи станува збор за проектили со краток дострел.