Ekip
11 Јануари 2022•Ажурирај: 14 Јануари 2022
АНКАРА
Северна Кореја во вторник истрела уште една ракета кон Источно Море, за која јужнокорејската војска се сомнева дека станува збор за балистичка ракета, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенција „Јонхап“ објави дека јужнокорејската војска рано наутро го открила лансирањето на ракетата од област во внатрешноста.
„За дополнителни информација, разузнавачките органи на Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави (САД) се во процес на спроведување детална анализа“, се вели во веста на новинската агенција која ги цитираше изјавите на здружените началници на Генералштабот на Јужна Кореја.
Во веста се додава дека јужнокорејската војска, заедно со САД, внимателно ги следат движењата на севернокорејската војска.
Ова е втор ракетен истрел за помалку од една недела откако Пјонгјанг го спроведе вториот тест од новоразвиената хиперсонична ракета минатата недела.
Според „Јонхап“, по лансирањето во вторник, Јужна Кореја изразила силно жалење и го повикала Пјонгјанг да одговори на повикот за дијалог.
„Северна Кореја треба да избере соработка за мир наместо дејствија што се противат на напорите за градење мир на Корејскиот полуостров, како што е најновото лансирање на проектили, во овој критичен момент кога се вложуваат напори за стабилизирање на политичката ситуација околу полуостровот,“, се вели во веста во која се цитира претставник на министерството на Јужна Кореја за обединување.
Во октомври мината година, Северна Кореја за прв пат потврди дека развила хиперсонична ракета и ја тестирала.
Хиперсоничните ракети обично летаат пет пати побрзо од брзината на звукот, или 6.125 км на час, давајќи им малку време на непријателите да одговорат.
Тензиите на Корејскиот полуостров се на високо ниво откако и Пјонгјанг и Сеул тестираа балистички ракети во октомври 2021 година.