Dildar Baykan
09 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Се преврте чамец со којшто се превезуваа аракански муслимани при бегството од нападите од страна на мјанмарската војска и будистичките фанатици во Бангладеш, при што животот го загубија 12 лица, од кои 10 деца, пренесува Anadolu Agency (АА).
Меѓународната оргaнизација за миграција преку објава на социјалните мрежи соопшти дека чамецот со којшто се превезувале аракански муслимани, кои поминувале преку реката Наф на границата помеѓу Мјанмар и Бангладеш, се превртел во ноќните часови, во близина на Шах Порир Двип, на бангладешката страна на реката Наф.
Во акциите за трагање беа пронајдени телата на 12 аракански муслмани, од кои 10 деца. Тимовите за трагање и спасување спасија 13 лица.
Дваесет и пет лица сѐ уште се водат како исчезнати, а акцијата за спасување продолжува.
Чамците со коишто араканските муслимани се обидуваат да пребегаат во Бангладеш преку реката Наф, поради негативните временски услови или поради претоварувањето на чамците над нивниот капацитет, честопати се превртуваат.
Од 25 август, кога војската на Мјанмар под изговор за борба против вооружените милитанти во Aракан започна акција против цивилите, убиени се илјадници муслимани. Бидејќи на претставниците на меѓународните организации не им е дозволено да влезат во областа, не е можно да се утврди точниот број на жртвите.
Во последните напади, армијата и екстремистите уништија повеќе од 200 села.
Во соседните земји се засолнуваат 84 отсто од околу 2 милиони аракански муслимани, кои од 70-тите години наваму се соочуваат со систематски напади и со етничко чистење во Мјанмар.