Emre Aytekin
23 Април 2021•Ажурирај: 25 Април 2021
АНКАРА
Независната Комисија за ревизија која е дел од Министерството за одбрана во САД даде препорака кривичното гонење на припадниците на Вооружените сили кои извршиле сексуален напад да се решава надвор од командниот ланец, известува Агенција Анадолија (АА).
Комисијата формирана од страна на американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, препорача независен цивилен судија да ги разгледува специфичните кривични дела како што се сексуални напади, сексуално вознемирување и злосторства од омраза, и за испитување на овие кривични дела предложи формирање канцеларија за посебни жртви во рамките на Јавното обвинителство која ќе биде раководена од цивили.
Комисијата даде проценка дека одлуката за истрага и судење на осомничениот персонал треба да биде земена од ингеренциите на командантите на единиците и началниците на штабовите, додавајќи дека истражниот процес треба да се спроведе надвор од командниот ланец.
Се смета дека доколку бидат усвоени препораките на Комисијата на Остин, за што се очекува да бидат консултирани и воените лидери, тогаш ќе биде отстранета важна пречка што членовите на Конгресот во САД веќе подолго време ја бараа, а која ја отежнуваше истрагата за случаите на сексуален напад и вознемирување во Вооружените сили во земјата.