Hatice Kesgin
21 Август 2016•Ажурирај: 22 Август 2016
АНКАРА (АА) - Бројните лидери и официјални лица од сите делови на светот најостро го осудија синоќешниот терористички напад во кој животот го загубија најмалку 51 а ранети беа 73 лица на венчавка во југоисточниот турски град Газиантеп, јавува Anadolu Agency(AA).
Досега никој не презеде одговорност за нападот, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најостро го осуди тој свиреп чин и порача дека нема никаква разлика помеѓу терористичките организации ПКК, ФЕТО и ДАЕШ за кој изјави дека е можен извршител на нападот во Газиантеп.
Со посредство на Министерството за надворешни работи, Грција најостро го осуди нападот и упати сочуство и поддршка кон соседната земја Турција во борбата против тероризмот.
Американскиот амбасадор во Анкара, Џон Бас, синоќешниот терористички напад го нарече „варварски чин” .
„Цврсто стоиме со својот сојузник Турција и одлучни сме во продолжување на борбата против тероризмот како глобална закана за безбедноста и мирот” , порача амбасадорот Бас.
Слична порака упати и британскиот амбасадор во Анкара, Ричард Мур, кој ги осуди и сите претходни напади кои припадниците на терористичката организација ги извршуваа низ неколку југоисточни градови на Турција.
Претседателот на Република Франција, Франсоа Оланд, исто така го осуди синоќешниот напад и упати порака на солидарност и поддршка кон Турција во борбата против тероризмот.
„Франција е на страната на Турција и секој кој се бори против злото на тероризмот”, порача Оланд.
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Фрањо, денес се молеше за жртвите на синоќешниот напад во Газиантеп.
„Да се помолиме за загинатите и повредеите, како и за мир за сите нас”, порача папата Фрањо за време на мисата на Базиликата Свети Петар во Ватикан.
Терористичкиот напад кој е извршен синоќа врз насобраните лица на една венчавка во центарот на Газиантеп, го осудија и високите официјални лица од Шведска, Азербејџан, Катар, Пакистан, Бахреин, Јордан и другите држави.