Halil Çelik
17 Јули 2018•Ажурирај: 18 Јули 2018
ЏЕДА (АА) - ХАЛИЛ ЧЕЛИК -
Властите на Саудиска Арабија ја интензивираа работата за реализација на проектот за изградба на брзата железница „Харамејн“, која преку црвеноморското пристаниште во Џеда ќе ги поврзува Мека и Медина, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за пруга долга 460 километри, која како голем инфраструктурен проект има за цел да го растовари сообраќајниот метеж, кој во тој регион е особено изразен во текот на аџилакот, кога Мека и Медина ги посетуваат милиони муслимански аџии од целиот свет.
Претставниците на саудиското Министерство за информирање соопштија дека проектот за изградба на железницата „Харамејн“ влегол во последната фаза на реализација.

Селим Мухамед Емин Баш, еден од раководителите на проектот, кажа дека пругата содржи четири железнички станици, во Џеда, Економскиот центар на кралот Абдула (KAEC), Мека и во Медина, и дека додатно ќе биде изградена и станица кај Меѓународниот аеродром „Крал Абдулазиз“.
„Брзата железница „Харамејн“ е еден од најголемите проекти во регионот. Нејзиниот годишен капацитет ќе изнесува 60 милиони патници. Почетната станица е во Мека, а последната во Медина“, истакна Баш.
Истакнувајќи дека проектот вреди над 2 милијарди долари, Баш рече дека сите станици ќе бидат во согласност со традиционалниот архитектонски стил на Саудиска Арабија.
„Станиците ќе бидат во ист стил и налик шаторите какви што се и мноштвото наши градби. Само ќе се разликуваат по боја. Во Мека станицата ќе биде во жолта боја, во Медина во зелена, додека во Џеда, сива“, нагласи Баш.
Мухенед Бапин, кој исто така работи на проектот, рече дека станицата во Мека ќе има паркинг со капацитет од 5.000 возила, во Џеда 6.000, додека таа во Економскиот центар на кралот Абдула (KAEC) ќе може да прими 1.400 возила.

„Влезот на патниците на секоја од станиците е мост. Ги применуваме најсовремените технологии на градење и овој проект ќе претставува сè за што долго време сонувавме. Патничките терминали се осмислени како четирикатни шопинг-центри во кои патниците ќе имаат чувство дека сè се врти“, рече Башин.
Тој истакна дека за осветлување на станиците на пругата „Харамејн“ ќе биде користена соларна енергија, и дека според планот, сообраќајот на пругата би требало да започне по овогодишниот аџилак.
Пробното возење на брзата пруга „Мека - Медина“ започна во февруари оваа година, а во јуни првите возови дојдоа и до станицата во Економскиот центар на кралот Абдула (KAEC). Во моментот седмично сообраќаат две пробни линии на тие релации.
Возот на пругата „Харамејн“ патува со брзина до 300 километри на час. За помалку од 1,5 час ќе ја минува релацијата за која со автомобил моментално е потребно да се одвојат малку повеќе од 4 часа.