Ahmed Asmar
20 Февруари 2024•Ажурирај: 22 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Саудиска Арабија денес повика на прекин на повеќедецениската израелска окупација на палестинските земји, сметајќи дека е нелегална, јавува Анадолу.
„Постапките на Израел покажуваат дека тој нема намера да постигне мир“, рече саудискиот амбасадор Зијад ал-Атијах на сослушувањето во Меѓународниот суд на правдата (МСП) со седиште во Хаг.
Тој рече дека Израел го спречил формирањето на палестинска држава со анексија на повеќе од два милиони дунуми земја и изградба на повеќе од 279 нелегални населби на Западниот Брег.
„Израелската окупација е нелегална и мора безусловно да заврши“, додаде тој.
Ал-Атијах рече дека отфрлањето на решението за две држави од страна на Израел ја покажува неговата намера да го лиши палестинскиот народ од правото на сопствена држава.
„Израел ги изврши најсериозните прекршувања на основните меѓународни обврски во однос на третманот на Палестинците“, додаде тој.
Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малики денес го повика Врховниот суд на Обединетите нации (ОН) да ја прекине израелската окупација и да ја прогласи за нелегална, откако судот отвори рочишта за законитоста на израелската окупација на палестинска територија.
Јавното сослушување започна по барањето на Генералното собрание на ОН за советодавно мислење за правните последици што произлегуваат од политиката и практиките на Израел на окупираната палестинска територија, вклучително и Источен Ал Кудс (Ерусалим).
Вкупно 52 земји, меѓу кои и Туркије, како и Арапската лига, Организацијата за исламска соработка и Африканската унија, ќе одржат 30-минутни усни презентации.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република на 22 јануари, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега загинаа најмалку 29.195 Палестинци.
Според Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.