Alaattin Doğru
26 Ноември 2020•Ажурирај: 27 Ноември 2020
ПАРИЗ
Започна одложеното судење на поранешниот француски претседател Никола Саркози, под обвинение дека во 2007 година, за да ја води предизборната кампања добил незаконска финансиска поддршка од тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи и дека „основал криминална организација“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поранешниот претседател на Франција во Парискиот кривичен суд пристигна во попладневните часови. Исто така, во овој случај им се суди и на неговиот адвокат Тери Херцог и на поранешниот судија Жилбер Азиберт.
Сепак, 73-годишниот Азиберт повторно не присуствуваше на рочиштето поради здравствените проблеми и епидемијата од Ковид-19.
Од друга страна, блокот на одбраната не ја прифати опцијата за земање изјави преку видеоконференција.
- Судењето повторно се одложи
Рочиштето е одложено за понеделник, 30 ноември, откако здравствената делегација информира дека Азиберт може да присуствува в понеделник.
Поранешниот судија Азиберт не се појави на првото рочиште на судењето поради проблеми со срцето. Судењето ќе трае до 20 декември.
За првпат од 1958 година, еден француски претседател е обвинет за кривично дело.
Се тврди дека Саркози добил незаконска финансиска поддршка од тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи со цел да ја спроведе претседателската изборна кампања во 2007 година и дека кампањата ја водел со таа поддршка.
Во едно интервју, непосредно пред убиството, либискиот лидер Гадафи во 2011 година истакна: „Кога Саркози беше министер за внатрешни работи (2007), дојде кај мене и ми побара пари. И јас му дадов. Благодарение на мене, победи на изборите.“
Исто така во 2019 година, бизнисменот Зијад Такиедине тврдеше дека тој од Либија за Саркози донел 5 милиони евра на крајот на 2006 година.