Şerife Çetin
18 Октомври 2019•Ажурирај: 19 Октомври 2019
БРИСЕЛ (АА) – Заврши дводневниот Самит на лидерите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), кој се одржа во Брисел, во чии рамки лидерите разговараа за различни прашања, меѓу кои започнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, проширувањето, Брегзит, Турција, како и за буџетот, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, по Самитот на лидерите на кој учествуваа последен пат пред завршувањето на нивниот мандат, одржаа прес-конференција.
- „Земјите членки на ЕУ не го поминаа испитот“
Туск нагласи дека лидерите не успеале да постигнат договор за започнување на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија.
Тој нагласи дека тоа е грешка, и додаде: „Во суштина, многу ми е срам. Минатата вечер овие две земји успешно го поминаа испитот, додека земјите членки (на ЕУ) не го поминаа испитот.“
Според него, на Самитот кој ќе се одржи во декември лидерите повторно ќе разговараат за проширување.
- „ЕУ треба да ги исполни ветувањата“
Од друга страна, Јункер истакна дека е многу разочаран што не е постигнат напредок во насока на проширувањето, опишувајќи го тоа како историска грешка.
„Доколку ЕУ сака да биде почитувана, тогаш треба да ги исполни ветувањата“, додаде Јункер.