Балкан, Коронавирус

Во Северна Македонија потврдени 3 нови смртни случаи од Ковид-19, досега вкупно 21

Потврдени се 15 нови случаи позитивни на Ковид- 19, со што вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 570 лица

Husamedin Gina  | 06.04.2020 - Обновена : 07.04.2020
Во Северна Македонија потврдени 3 нови смртни случаи од Ковид-19, досега вкупно 21

СКОПЈЕ

СКОПЈЕ (АА) – Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека се потврдени 3 нови смртни случаи предизвикани од Ковид-19, со што вкупната бројка на починати се искачи на 21. Потврдени се 15 нови случаи позитивни на Ковид- 19. Со последните детектирани случаи на заразени лица со новиот тип на коронавирусот, во С.Македонија вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 570 лица, јавува Агенција Анадолија (АА) 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за здравство, Венко Филипче и д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје одржаа заедничка прес-конференција.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека на секој од нас му е јасно дека сменет е начинот на живеење и дека светот се бори со невидливиот непријател, кој секој ден зема се голем број на жртви.

Премиерот Оливер Спасовски истакна дека според анализата на експертите, се очекува наредните две до три недели да следи пикот во земјата со 2.000 до 2.500 заболени.

„Од секој еден од нас зависи колку долго и со колкав интензитет ќе војуваме со коронавирусот. Треба да бидеме чесни и искрени, ние како земја го немаме поминато најлошото. Според експертите во наредните две до три недели заразата ќе го достигне пикот на заразени од коронавирусот кој најверојатно ќе биде помеѓу 2.000 до 2.500 заболени потврдени случаи“, нагласи премиерот Спасовски.

На прес-конференцијата во врска со престојните велигденски празници и рамазански пости, преиерот Спасовски нагласи дека мораме и ќе ги поминеме дома.

„Оваа година верниците своите молитви ќе ги упатиме од дома. Велигденските пораки за победа над смртта да ги упатиме од дома. Истото ќе важи и за рамазанските пораки. Од дома преку интернет, преку телефон, секој од своето семејство, од сопствен дом, а не собрани по роднини“, рече Спасовски, додавајќи дека тоа нема да нѐ направи послаби верници, напротив тоа ќе ни го зајакне духот.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во последните 24 часа од последици предизвикани од коронавирус на Клиниката за инфективни болести починале 3 лица.

„На клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа 3 пациенти. Пациент од Кочани на 40 годишна возраст, кој што е хоспитализиран на 29 март, пациент од Тетово на возраст од 69 години со претходна состојба тумор на мозокот, и пациент исто така од Тетово на 65 годишна возраст без познати други минати заболувања“, нагласи министерот Филипче.  

Министерот Филипче исто така изјави дека во изминатите 24 часа се регистрирани 15 нови случаи на заразени со новиот тип на коронавирус, со што во земјава бројот на регистрирани заболени стигна бројка од 570 лица.

Соопштувајќи дека клиниката ја напуштаат 4 излекувани пациенти, министерот Филипче рече дека до утрово на клиниката се примени 10 нови пациенти и дека заедно со нив, хоспитализирани се вкупно 70 пациенти.  

Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, истакна дека смртноста која е регистрирана во Северна Македонија е една од пониските во регионот и дека се движи под 4 проценти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.