Furkan Abdula
06 Април 2020•Ажурирај: 07 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство и Генералниот кризен штаб, донесе дополнување на Одлуката за забрана за движење на граѓаните на целата територија од државата, односно за продолжување на полицискиот час на целата територија од Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, преземени се дополнителни ограничувања за движењето на граѓаните на територијата од целата држава, за време на работните денови и викендите, со важност од среда, 8 април, 2020 година од 16 часот.
„Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден“, се истакнува во соопштението.
Се нагласува дека за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот, додека за младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.
„За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник“, се додава во соопштението.
Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
Новите ограничувања стапуваат на сила во среда, 8 април, 2020 година во 16 часот.
„За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи“, се истакнува во ова соопштение.
Се вели дека исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.