политика

Анѓушев: „Обновливите извори на енергија ги имаме во изобилство“

„Седумдесет и две електрани се пуштени во функција, во моментов се во градба околу 30-ина...“

Abdula Berisha  | 03.12.2019 - Обновена : 04.12.2019
Анѓушев: „Обновливите извори на енергија ги имаме во изобилство“ Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот за економски прашања на Република Северна Македонија, Кочо Анѓушев, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, присуствуваа на отворањето на меѓународниот саем „Ренекспо“, кој се фокусира на обновливите извори на енергија и се организира за првпат во земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).

Посакувајќи им успешен настап на изложувачите, вицепремиерот Анѓушев истакна дека со своето присуство владините претставници сакаат да ја покажат посветеноста на Владата кон обновливите извори на енергија.

Тој рече дека со Законот за енергетика донесен минатата година, проширен е обемот за инвестирање во обновливи извори на енергија, а зборуваше и за новата енергетска стратегија на земјата која треба да се донесе до крајот на оваа година. Анѓушев рече дека стратегијата ги истакнува ограничените ресурси со кои располага Северна Македонија, како и нејзините предности за обновливите извори на енергија.

„Aлтернативата којашто ни се нуди се обновливите извори на енергија коишто за среќа, особено во делот на Сонцето, ги имаме во изобилство. Во делот на малите хидроелектрани, можам да кажам дека еден добар дел во нашата држава е веќе изграден. Седумдесет и две електрани се пуштени во функција, во моментов се во градба околу 30-ина, но електрани можете да правите толку колку што имате реки и планини, а тоа, за жал е ограничено географски“, рече Анѓушев.

Потсетувајќи дека Северна Македонија претходно не беше во добра позиција во однос на обновливите извори на енергија, министерот Бектеши во текот на панел-дискусијата истакна дека со донесувањето на новиот Закон за енергетика, фокусот е ставен на енергетската транзиција.

„Многу сум задоволен, имајќи предвид дека во период од две години, веќе усвоивме нов закон, ги донесовме сите подзаконски акти кои главно се однесуваат на обновливите извори на енергија. Покрај тоа, пред две недели, на владина седница веќе го усвоивме новиот Закон за енергетска ефикасност во кој се предвидени конкретни мерки што треба да ги преземеме за да бидеме поефикасни во потрошувачката на енергија“, рече Бектеши.

Јохан-Георг Рахем, генерален директор на REECO International, компанија која го организира саемот „Ренекспо“, рече дека саемот е место каде се среќаваат специјалисти и компании од областа на обновливите извори на енергија од регионот и Европа, додавајќи дека порано овој саем се одржувал и во Србија и Босна и Херцеговина.

Тој исто така рече дека на саемот учествуваат околу 40 изложувачи од 10 европски земји, додавајќи дека на шесте конференции, организирани во рамките на саемот, се очекуваат да присуствуваат околу 1.000 експерти.

Поздравен говор имаше и германскиот амбасадор во Скопје, Томас Герберих. Потсетувајќи дека Германија е главен трговски партнер во Северна Македонија, тој изрази надеж дека саемот „Ренекспо“ ќе придонесе за зголемена трговска соработка меѓу двете земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.