Ahmet Dursun
27 Мај 2024•Ажурирај: 28 Мај 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Саед Џалили, поранешен генерален секретар на Врховниот совет за национална безбедност, една од водечките личности на конзервативното крило во Иран, најави кандидатура за претседателските избори што ќе се одржат на 28 јуни, известува Анадолу.
Канцеларијата на Џалили потврди дека тој ќе се кандидира за претседател на Иран.
Во моментов Џалили ја извршува функцијата претставник на иранскиот лидер, ајатолахот Али Хаменеи, во Врховниот совет за национална безбедност и член на Советот за естаблишмент, уставно тело што ги решава споровите меѓу Парламентот и Советот на чувари на Уставот.
Џалили, кој беше генерален секретар на Врховниот совет за национална безбедност меѓу 2007 и 2013 година за време на владеењето на поранешниот претседател Махмуд Ахмадинежад, беше и главен претставник во иранските нуклеарни преговори во истиот период.
Тој е познат по својата конзервативна линија. Беше кандидат на изборите во 2021 година, а подоцна ја повлече кандидатурата во корист на Ебрахим Реиси.
По смртта на Реиси во падот на хеликоптерот на 19 мај, според Уставот, Мохамад Мохбер, првиот потпретседател на Иран, е именуван за вршител на должноста претседател.
Според иранскиот Устав, во случај на смрт на претседателот, претседателските избори мора да се одржат во следните 50 дена.
Во врска со тоа, на вонредниот состанок, кој се одржа на 20 мај меѓу шефовите на законодавната, извршната и судската власт, одлучено е претседателските избори да се одржат на 28 јуни.
Кандидатурите се пријавуваат во Министерството за внатрешни работи во рок од пет дена, почнувајќи од 30 мај.
Покрај Џалили, само реформистичкиот политичар и поранешен министер за здравство, Масуд Пезешкијан, најави кандидатура.