Mehmet Nuri Uçar
27 Мај 2024•Ажурирај: 28 Мај 2024
ГАЗА (АА) - Голем број Палестинци се убиени, а многумина се ранети во воздушните, копнените и поморските напади на израелската војска во текот на ноќта врз различни делови на Појасот Газа, известува Анадолу.
Израелската војска веќе 234 дена продолжува со нападите врз Појасот Газа, предизвикувајќи голема хуманитарна катастрофа.
Борбени авиони го бомбардирале квартот Ал Зарка во градот Газа. Во нападот се убиени бремена жена, ќерка ѝ и уште три лица, а неколку лица се повредени.
Истовремено со израелските напади врз јужните делови на Појасот Газа, израелската артилерија интензивно ги гранатираше квартовите Сабрам, Аз-Зејтун и Тел Ал-Хава.
И во нападите на бегалскиот камп Ал-Бурејџ во Газа имало убиени и повредени.
Израелски воен чамец пукал кон чамците на палестинските рибари во близина на брегот на градот Хан Јунис.
Израел продолжува со својата брутална офанзива во Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се бара итен прекин на огнот.
Во Газа се убиени околу 36.000 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 80.600 се ранети од октомври минатата година во услови на масовно уништување и голем недостиг на неопходни средства за живот.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во последната пресуда нареди Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Газа, во кој засолниште побараа повеќе од еден милион раселени Палестинци.