Faruk Zorlu
03 Јануари 2019•Ажурирај: 05 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) поднесоа предлог за продажбата на системите за противвоздушна и ракетна одбрана „Патриот“, во износ од 3,5 милијарди долари за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставници од турското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана, како и од Претседателството на турската одбранбена индустрија, се состанале со делегација од САД во главниот град Анкара.
На состанокот САД ѝ го претставиле својот предлог на Турција за продажбата на ракетниот систем „Патриот“.
Во декември американскиот Стејт департмент ја одобри можната продажба на системите „Патриот“ на Турција за околу 3,5 милијарди долари.
Според Одделот за одбрана при Агенцијата за безбедносна соработка во одбраната, Стејт департментот ја одобрил продажбата на 80 проектили „Патриот MIM-104E“ со унапредено наведување (GEM-T), 60 ракети PAC-3 (MSE) и придружна опрема.
Продажбата вклучува радарски сетови, станици за контрола на ангажираноста, станици за лансирање, комуникациска опрема, опрема за тестирање, програми за опсег и тестирање, како и опрема за поддршка.
Турција долго време се обидуваше да го купи системот за противвоздушна одбрана од САД. Откако не успеа, во 2017 година Анкара одлучи да купи руски систем за воздушна одбрана S-400.
Овој потег беше критикуван од страна на Пентагон, кој предупреди дека купувањето на системот S-400 ќе им нанесе штета на турско-американските односи, како и на улогата на Турција во НАТО, и вети дека доколку Турција го прекине договорот за купување на S-400, тоа ќе ѝ обезбеди на Турција одбранбени системи кои ги исполнуваат сите нејзини барања.
Но во декември турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека дури и ако Турција ги купи ракетите „Патриот“, нема да го откаже договорот за купување на S-400.
Ракетите „Патриот“ се користат за одбранбени цели, главно за соборување на дојдовните проектили, но и на авиони.