свет

САД ѝ понуди поддршка на Белгија во борбата против заканата од беспилотни летала

- Според белгискиот весник „Ле Соир“, по Германија, Франција и Велика Британија, поддршка на Белгија ѝ понудија и САД.

Selen Valente Rasquinho  | 14.11.2025 - Обновена : 15.11.2025
САД ѝ понуди поддршка на Белгија во борбата против заканата од беспилотни летала

БРИСЕЛ (АА) - САД ѝ понудија поддршка на Белгија во борбата против зголемената активност на беспилотните летала во земјата, известува Анадолу.

Според белгискиот весник „Ле Соир“, по Германија, Франција и Велика Британија, поддршка на Белгија ѝ понудија и САД.

Министерот за одбрана на Белгија, Тео Франкен, во Претставничкиот дом изјави дека се спроведува „координирана безбедносна акција со сојузничките земји“ за борба против неовластените летови на беспилотни летала во критичните подрачја на земјата.

Зборувајќи дека Белгија од соседните земји побарала специјализирани тимови во борбата против беспилотните летала , Франкен рекол:

„Германија, Обединетото Кралство и Франција одговорија позитивно и моментно се распоредени на белгиска територија со нивната специјализирана опрема.“

Белгискиот министер за одбрана истакна дека овие единици активно ја поддржуваат Белгија со техничка опрема, системи за детекција и безбедност на воздушниот простор.

Министерот Франкен информирал дека Соединетите Американски Држави ѝ понудиле помош на Белгија и додал:

„Моментно со американските претставници оценуваме како, каде и во кои рамки најефикасно може да се распореди оваа помош.“


- Неовластени летови на беспилотни летала во Белгија

По Полска, Романија, Естонија и Данска, на агендата за активности на беспилотни летала се најде и Белгија, дом на институциите на ЕУ и НАТО.

Активностите на беспилотните летала биле откриени на просторот над воениот тренинг-камп „Елсенборн“ во Белгија на 3 октомври, по што Министерството за одбрана започна истрага.

На 25 октомври беше објавено дека најмалку четири дронови биле откриени над воздухопловната база „Крал Алберт“ во Марш ан Фамене.

Ноќта на 1 ноември беше објавено дека три дрона се откриени над воздухопловната база „Клајне Брогел“, која се користи и за национални и за НАТО-операции. Четири дрона биле забележани над оваа база вечерта на 2 ноември. Дронови биле забележани двапати на аеродромот во Лиеж оваа недела, што предизвика прекин на летовите од безбедносни причини.

Дронови биле забележани и на аеродромот во Брисел во текот на ноќта на 4 и 6 ноември, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај.

На 10 ноември беше објавено дека е откриена активност на беспилотни летала над нуклеарната централа „Доел“ и над аеродромот во Лиеж.

Белгискиот национален совет за безбедност, кој се состана на 6 ноември поради откриените активности на беспилотните летала во земјата, одлучи дека сомнителните беспилотни летала може да бидат неутрализирани со полициска или воена интервенција доколку е потребно. За борба против оваа закана, Советот, исто така, објави дека Националниот центар за безбедност на воздушниот простор (NASC) ќе биде целосно оперативен до 1 јануари 2026 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.