Ekipa
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) вчера објавија дека ги суспендирале испораките и активностите поврзани со снабдувањето на Турција со петтата генерација воени авиони Ф-35 поради плановите на Анкара да го купи рускиот одбранбен систем С-400, јавува Anadolu Agency (AA).
„Многу ни е жал за моменталната ситуација со која се соочува нашето партнерство за Ф-35 со Турција, и Министерството за одбрана на САД презема претпазливи чекори за да ги заштити заедничките инвестиции направени во технологијата“, соопшти портпаролот на Пентагон, Чарлс Самерс.
„Доколку Турција набави С-400, нејзиното континуирано учество во програмата Ф-35 е изложено на ризик.“
По долготрајните безуспешни напори за купување системи од САД за воздушна одбрана, Анкара одлучи во 2017 година да го купи рускиот систем за воздушна одбрана С-400.
Анкара, исто така од САД планира да купи 100 воени авиони Ф-35 и пилотите во моментот имаат обука во воздухопловната база „Лук“ во Аризона.
Вашингтон долго време против купувањето на системот С-400 од страна на Турција, предупредувајќи дека системот може да биде искористен за тајно преземање на доверливи информации за авионите Ф-35, вклучувајќи го и нивниот опсег на откривање, кои потоа може да се пренесат на Русија.
„САД беа јасни дека купувањето на С-400 од страна на Турција е неприфатливо“, рече Самерс. „Затоа, Министерството за одбрана на САД иницира неопходни чекори за да се обезбеди внимателно планирање на програмата и флексибилност на синџирот на снабдување на Ф-35.“
Турција прво се приклучи на Заедничката програма за Ф-35 во 2002 година, инвестирајќи над 1,25 милијарда долари. Исто така, произведува и неколку делови за сите Ф-35 варијанти и клиенти.
Самерс рече дека Пентагон во моментов развива дополнителни извори за да ги замени компонентите на Ф-35 произведени од Турција.
Два авиони Ф-35 веќе се предадени на Турција и во моментов се наоѓаат во воздухопловната база „Лук“. Овие авиони требаше да бидат пренесени во ноември оваа година.
Се очекува уште два авиони да бидат доставени наскоро.