Kasım İleri
01 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
ВАШИНГТОН
Министерството за одбрана на САД соопшти дека до 2022 година ќе ја продолжат соработката со турските компании кои произведуваат делови за борбените авиони Ф-35, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на Пентагон, Џесика Максвел, за АА изјави дека турските компании произведуваат 139 делови за авионите Ф-35 и дека тоа ќе го прават и во наредите две години.
„Нашите индустриски партнери ќе ги реализираат постоечките договори. Програмата за производство на авионите Ф-35 работеше на начин за да се избегнат непотребните откажувања на договори, зголемувањето на трошоците и нарушувањето на производниот систем“, наведе Максвел.
Таа исто така изјави дека програмата Ф-35 истовремено работи и на трагање по алтернативи и дека и тоа и понатаму е така.
Властите на САД минатата година соопштија дека го суспендирале партнерството со Турција во програмата за производство на авионите Ф-35 и тоа откако Русија го испорача на Турција противвоздушниот одбранбен систем С-400.
Меѓутоа, САД дозволија до крајот на оваа година да се продолжи соработката со турските фирми кои произведуваат делови за тие борбени авиони, а најавено е дека ќе се трага по новите добавувачи на тие делови.
Процесот на производство на тие авиони е погоден од последиците на пандемијата Ковид-19 и дојде до доцнење во реализацијата на програмата.
Турските компании во таа програма произведуваа повеќе од илјада делови за авионите Ф-35.
При склопувањето на партнерството, Турција нарача 100 авиони Ф-35А и испорачани се 6 такви летала. Меѓутоа, американскиот Конгрес по суспензијата на партнерството со Турција,,а во рамките на буџетот за одбрана, даде овластувања на Пентагон да ги купи турските авиони за потребите на американската војска.