Nancy Caouette
17 Август 2017•Ажурирај: 18 Август 2017
МЕКСИКО (АА) - Американскиот потпретседател Мајк Пенс вчера ја повика Латинска Америка да ги прекине односите со Северна Кореја, во обидот да се изврши притисок врз Северна Кореја за напуштање на нејзината нуклеарна и ракетна програма, јавува Anadolu Agency (AA).
Пенс, кој е на петдневна турнеја во регионот, вели дека се надева оти Бразил, Мексико, Перу и Чиле ќе ги прекинат сите комерцијални и дипломатски односи со Пјонгјанг.
„САД придаваат големо значење на тековната дипломатска изолација на режимот на Ким [Џонг-ун]“, изјави тој во Сантијаго, Чиле, за време на заедничката прес-конференција со чилеанската претседателка Мишел Башеле.
Пенс додаде дека доколку земјите од Латинска Америка ги прекинат сите врски со Северна Кореја, Пјонгјанг ќе сфати дека постои цена за спротивставувањето на меѓународната заедница.
Претседателот Доналд Трамп минатата недела го предупреди Ким дека навистина ќе зажали ако продолжи да им се заканува на САД и на нивните сојузници, додавајќи дека ќе се соочи со бес и оган.
Ким одговори дека ќе истрела проектили на пацифичкиот остров Гуам, територија на САД, но подоцна изјави дека го одложува тој потег чекајќи да види што ќе направи следно Вашингтон.
Осврнувајќи се на регионот, Пенс рече дека САД ќе ја искористат својата сила и дипломатија, додека демократијата не биде вратена во Венецуела.
„Ние ќе работиме заедно во Венецуела. Ние сите живееме во исто соседство и ќе продлжиме да работиме заедно за да им помогнеме на нашите соседи“, истакна тој.
Јужноамериканската нација се бори да се справи со политичката криза што доведе до масовни протести и нестабилност за којашто владата ги обвинува САД и нивните регионални сојузници за мешање.
Башеле истакна дека нејзината земја е подготвена да најде начин за да придонесе за враќање на демократијата во Венецуела.
„Чиле нема да поддржи државен удар или воени интервенции“, рече таа, додавајќи дека нејзината нација ќе ги поддржи санкциите усвоени од Советот за безбедност на ОН.
„Сакам да бидам јасна, Чиле ќе стори сѐ што е можно за да ги поддржи Венецуелците да го пронајдат мирниот пат“, рече таа.
Пенс ги посети Аргентина и Колумбија и денес ќе ја заврши својата турнеја во Латинска Америка по посетата на Панама.