свет

САД упатија закана до наследникот на Сулејмани

„Доколку и Есмаил Гани го следи истиот пат на убивање на Американците, ќе му се случи истата судбина“

Ahmet Dursun, Adham Kako  | 23.01.2020 - Обновена : 24.01.2020
САД упатија закана до наследникот на Сулејмани

АНКАРА (АА) - Американскиот специјален пратеник за Иран, Брајан Хук, упати закана до Есмаил Гани, кој на должноста командант на силите „Кудс“ при Иранската револуционерна гарда е именуван на местото на убиениот Касим Сулејмани, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Хук за саудискиот весник „Ашрак ал Авсат“ (Ashraq al-Awsat) изјави дека смртта на Сулејмани, кој е убиен во американски напад извршен на 3 јануари недалеку од аеродромот во Багдад, е празнина која иранскиот режим тешко ќе ја пополни.

„Доколку и Есмаил Гани го следи истиот пат на убивање на Американците, ќе му се случи истата судбина“, изјави Хук кој беше запрашан за новиот командант на „Кудс“ и што ќе се случи доколку оди по истиот пат како Сулејмани.

Хук изјави дека за нападите врз Американците или врз интересите на САД во регионот, за одговорни ги смета иранскиот режим и силите кои дејствуваат во негово име.

Запрашан за антивладините протести во Иран, Хук демонстрантите ги нарече храбри и порача дека САД ќе продолжат да пружаат поддршка.

Во американски воздушен напад во близина на аеродромот во Багдад на почетокот на годината беа убиени 10 лица, меѓу кои и истакнатиот генерал на Иранската револуционерна гарда, Касим Сулејмани и заменик-командантот на ирачките шиитски сили „Хашд ал Шаби“, Ебу Мехди ал Мухандис.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.